Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска заедно со Ото Граф, заменик амбасадор и раководител на економскиот оддел во германската амбасада, директорката на Државниот инспекторат на трудот (ДИТ), Весна Томовска и претставници од Министерството за труд и социјална политика беа во посета на германската автомобилска компанија, Дрекслмајер во Кавадараци.
Вработувањето на лицата со попреченост со цел нивна поголема социјална инклузија беше во фокусот на денешната посета на оваа компанија.
Тренчевска информираше дека Министерството за труд и социјална политика работи на нов модел на законско решение за вработување на лица со попреченост, како и на изработка на Национален регистер на лица со попреченост и Центри за рехабилитација и стручно оспособување на овие лица со цел нивно полесно вклучување и адаптирање на отворениот пазар на труд.
„Со новиот модел е предвидена значајна поддршка како на лицата со попреченост така и на работодавачите кои ќе ги вработат овие лица. Со воспоставување на адекватен систем за поддршка на вработувањето, лицата со попреченост треба да станат еднакви членови на општеството и успешно да придонесат за сопствената општа благосостојба. Имено, системот треба да овозможи вработување на лица со попреченост за да можат да стекнат материјална сигурност и поголема независност во донесувањето одлуки. Додека пак оние компании кои веќе имаат вработено лица со попреченост ќе бидат јавно публикувани и ќе се стекнат со признанија како компании кои се општествено одговорни“ – рече Тренчевска.
Министерката посочи дека процесот на подготовка на новиот модел ќе биде целосно транспарентен и инклузивен, односно со вклученост на сите општествен чинители.
Претставниците на „Дрекслмајер“ информираа дека нивната компанија веќе неколку години вработува лица со попреченост и овозможува нивна соодветна социјална инклузија.