Утрински Весник
Македонија

Транспортерите бараат солидарност од сите со прогресивен данок, бележат пад на работата за 70 проценти

Транспортерите бараат солидарност од сите со прогресивен данок, бележат пад на работата за 70 проценти

Скопје, 28 април 2020 (МИА) – Прогресивен данок за сите стопански и нестопански дејности, пофлексибилни услови за користење на бескаматните кредити за стопанството, враќање на ДДВ, се главните  барања на транспортерите кои организирани од Асоцијацијата Макам-транс денеска  во колона и со вклучени сирени се движеа низ центарот на Скопје поминувајќи пред Владата и пред Собранието.

Билјана Муратовска, генерален секретар на Макам-транс, изјави дека одржале предупредувачки протест преку кој апелираат до Владата наместо зголемена акциза за горивата да воведе прогресивен тн. данок на ковид, со што, според неа, сите солидарно ќе го понесат товарот од кризата.  Коронакризата, посочи, ја намали работата на транспортерите за 70 проценти, а доказ за неактивноста на транспортните фирми се полните плацеви со нивни возила ширум државата.

– Ова беше еден предупредувачки протест за да не видат. Транспортерите имаат вложено огромни средства.  Се бориме со невидени работи коишто се случуваат  на терен, дали се конвои, дали се судари  на тие конвои. Нашите возачи остануваат по десетина дена на пат  што значи дека се зголемуваат трошоците за нивни дневници. Апелирам до Владата сите овие барања коишто ги доставивме ако веќе сакаат сите да бидеме солидарни нека воведат прогресивен данок, па најбогатите каде влегуваат и банките, осигурителните компании, телекомуникациските и сите други кои земаат огромни профити што лесно може да се види од завршните сметки, нека платат 2 процента данок. Да го наречеме данок за ковид. Помалите да плаќаат по еден процент. Најмалите, вклучително и асоцијациите и сиз-овите да плаќаат по 0,5 проценти и така да собереме средства за да помогнеме на стопанството. Вака само првите два три месеца товарот паѓа на превозните трговски друштва, изјави Муратовска.

Таа информира дека од превозниците во Макам-транс, 18,9 проценти ја искористиле првата мерка за бескаматни кредити од Владата. Но, потенцира, тоа е обврска за враќање и за жал, толку се лоши условите што тешко доаѓаат до средства и да ги исполнат.  До Владата испратиле барање да не биде репер март кога сите стопански дејности работеа 20 дена, туку април за да се види колку е паднат прометот кај сите.

– Да имаме реални податоци за да можеме реално сите заеднички и да си помогнеме солидарно за да можеме да опстоиме и да излеземе од оваа криза, наведе Муратовска.

Покрај прогресивен данок бараат и пролонгирање на давачките за регистрација на возилата, враќање на ДДВ-то на сите транспортни компании со што, како што вели, ќе користат нивни пари, а не кредити,  како и пофлексибилни услови за бескаматните кредити и исти услови за работа на сите за што е потребно уредување на законските решенија  и уредбата за распределба на дозволите.

Одговарајќи на новинарско прашање Муратовска отфрли каква било поврзаност на организирањето на протестот  и на асоцијацијата со политичка партија. Како што наведе, ја критикувале и поранешната влада на ВМРО-ДПМНЕ, во чие време во 2009 година во Кавадарци го организирале најголемиот протест на транспортерите. За СИЗ Македонија сообраќај АМЕРИТ кои исто така обединуваат транспортери, но не го поддржаа протестот затоа што сметаат дека не е решение за излез од економската криза, наведоа дека немаат 1.000 членки како што соопштиле и оти не се асоцијација. Во Макам-транс, тврди таа, има 1.500 членки и тие се репрезентативна асоцијација во транспортот со добиено репение од надлежните институциите.

– Не сме против другите, но треба заеднички да настапуваме кога се работи за проблемите на транспортерите во Макам-транс. Воопшто не не интересираат партиите, потенцираше Муратовска.

За министерот за транспорт Горан Сугарески  протестот на Макам-транс е  демократско правао, но, како што изјави денеска не држи тезата на транспортерите.

– Има три клучни аргументи. Прво, зголемувањето на акцизата е заради солидарност, заради граѓаните на оваа држава и апсолутно не е никаков дополнителен товар за било кого. Второ, цената на нафтата во моментов е помала за 20 денари во однос на јануари и февруари. Денеска со најновото намалување на цената на дизел горивото, таа е најниска во последните 20 години. Уште еден важен аргумент е тоа што цената на нафтата кај нас е најниска во споредба со сите земји од регионот, рече Сугарески, одговарајќи на новинарско прашање по направениот увид на градежните работи на првата делница на експресниот пат Штип-Кочани.

Сугарески порача дека во дадената ситуација сите треба да бидат солидарни и да покажат разбирање. лв/вдј/

Протест на камионџиите

Posted by MИА.mk on Вторник, 28 април 2020

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Кај село Миравци пронајдена удавена жена

Полицијата ќе ја проверува работата на „Државна лотарија“

Камбовски: Невозможно е да постојат две национални академии во една држава