Како и сите Американци, револтиран сум од насилството и беззаконието при нападот врз Конгресот на САД. Америка е и секогаш мора да биде нација на редот и законот, вели Доналд Трамп во видео обраќање, на својот Твитер профил.
„На демонстрантите кои се инфилтрираа во Конгресот: вие го осквернавивте седиштето на американската демократија. На оние кои се вклучуваат во акти на насилство и уништување: вие не ја претставувате нашата земја. И на оние што го прекршија законот: ќе платите“ изјави Трамп, кој додава дека неговата кампања енергично ги следела сите правни патишта за оспорување на изборните резултати.
Како што вели тој, новата администрација ќе биде инаугурирана на 20 јануари, а неговиот фокус сега е насочен кон обезбедување непречена, уредена и беспрекорна транзиција на власта.
Меѓу другото, тој во своето обраќање до нацијата, истакнува дека служењето како претседател е чест на неговиот живот, а на своите поддржувачи им порача дека „нивното неверојатно патување штотуку започнува“.
Пред два дена, десетици илјади приврзаници на американскиот претседател Доналд Трамп се собраа во Вашингтон во последен обид да обезбедат пресврт во резултатите од претседателските избори на кои победи Џо Бајден. При насилниот влез во зградата на Конгресот, загинаа пет лица, меѓу кои една жена која беше застрелана од полицијата и еден загинат полицаец, член на обезбедувањето на Конгресот.