Американскиот претседател Доналд Трамп на митингот во Мичиген рече дека ќе победи во таа сојузна држава додека илјадници приврзаници му аплаудираа, а само неколкумина од нив носеа маски и се придржуваа кон мерките против коронавирусот.
„Вака не изгледа собир на човек кој ќе биде на второ место“, им порача Трамп на мажите, жените и децата од кои многумина носеа црвени маици и капи со натпис „Направи ја Америка повторно голема“. Тој им се обрати пред претседателскиот авион на аеродромот во близина на Мидленд, Мичиген.
Водачите на кампањата на Трамп изјавија дека до изборите на 3 ноември ќе поминат многу време во Мичиген, индустриска држава која заедно со Висконсин и Пенсилванија му помогна на Трамп да победи на изборите во 2016 година.
Демократскиот кандидат џо Бајден води пред републиканецот Трамп со 12 процентни поени, покажува анкетата на Ројтерс и Ипсос. Но, водството на Бајден е малку послабо во Мичиген со околу 4,2 процентни поени, според Real Clear Politics.
Трамп на митингот ја критикуваше гувернерката на Мичиген, Гретчен Витмер за воведување рестрикции против коронавирусот. Тој рече дека таа нема поим за рестартирање на државната економија и доби бурни овации од публиката.
Витмер претходно изјави дека е загрижена за планираниот митинг и дека внимателно ќе ја следи стапката на инфекција во регионот.
Грег Фернандез (63), кој продава недвижнини, рече дека на митингот не носел маска затоа што веќе бил заразен со коронавирус, па е добро сега. Тој очекува Трамп да победи во Мичиген.
„Не на глобалистите, не на новиот светски поредок. Потребен ни е бизнисмен кој ќе ја води нашата земја, а тој заврши добра работа“, рече Фернандез.