Трагачи по злато во Австралија пронашле две огромни грутки злато во вредност од 250.000 долари за само неколку часа, јави Си-ен-ен.
Грутките со вкупна тежина од 3,5 килограми биле пронајдени во ист ден во близина Тарнагула во сојузната држава Викторија, објави вчера каналот „Дискавери“.
Брент Шенон и неговиот зет Итан Вест ги пронашле златните грутки за неколку часа со помош на таткото на Итан, Пол Вест. Грутките би можеле да достигнaт и за 30 отсто повисока цена ако за нив се заинтересира некој колекционер.
„Бевме на релативно недопрено подрачје кое не е експлоатирано“, коментираат трагачите додавајќи дека со месеци чекале дозвола за пребарување на областа.
Вест проценува дека за четири години пронашол илјадници мали грутки злато. Рекол дека ваквите истражувања ги вршат со помош на детектор за метал.
Најголемата грутка злато досега тежеше 5,5 килограми, а беше пронајдена во јануари 2013 година, во близина на Баларат, на околу еден час возење од Тарнагула.