Утрински Весник
Свет

Топлотен бран ја погоди Европа, температурите во некои земји соборуваат рекорди

Топлотниот бран што ги зафати југот и западот на Европа трае веќе десетина дена, а температурите не престануваат да растат, со што во некои земји соборуваат историски рекорди. Стотици пожари беснеат на континентот, а поради високите температури, во последните две недели загинаа повеќе од илјада луѓе, пренесуваат медиумите во светот.

dobivaj vesti na viber

Пожарникарите, волонтерите и локалните жители веќе втор ден се борат со шумскиот пожар во планинскиот регион северно од грчката престолнина. Евакуирани се девет населби и една детска болница, а пожарот стигна и до предградијата на Атина. Бурните ветрови и густиот чад го попречија гаснењето на пожарите од воздух и од земја.

„Ова е тешка ноќ за нас. Брзината на ветрот надмина 80 километри на час, постојано менувајќи ја насоката“, изјави портпаролот на противпожарната служба, Јанис Артопиос.

Жителите во загрозената област се беспомошни.

„Куќата ми гори, пожарникарите направија што можеа, но пожарот беше многу силен и ја зафати внатрешноста“, изјавил еден жител.

Незабележливо високи температури и пожари ја зафатија и Велика Британија. Десетици згради и имоти изгореа на југот на Англија, вклучително и во околината на Лондон.

„Едноставно, не е можно лондонската противпожарна бригада да одговори на сите овие пожари доколку продолжи оваа стапка“, изјавил градоначалникот на Лондон, Садик Кан.

Поради првите регистрирани температури над 40 степени, железничкиот сообраќај на југот на Британија е во прекин, некои летови се откажани, а властите прогласија вонредна состојба на територијата на целото кралство.

Пожарникарите се борат со шумски пожар и во Тоскана. Околу 500 луѓе биле принудени да се евакуираат бидејќи пожарот се проширил во текот на ноќта. Оваа недела во неколку делови на Италија избувнаа шумски пожари бидејќи температурите продолжуваат да растат.

Рекордно високи температури се забележани и во Франција.

„Едноставно, навистина е жешко и исцрпувачко. Навистина е тешко да се оди некаде кога температурата во метрото е над 50. Ако влезеш, едноставно си облеан во пот“, вели турист од Германија.

Шумските пожари продолжуваат да беснеат низ јужна Франција. Климатските промени, предизвикани од човековата активност, како што анализираат медиумите, доведоа до најлошата суша во овој век. ОН предупредуваат дека во следните три децении може да се очекува зголемување на екстремните пожари за дури 30 проценти.

Можете да прочитате

Австралија го забранува Јутјуб за деца помлади од 16 години

Руските власти прогласија вонредна состојба на северните Курилски Острови, под закана и Шангај

Трамп со ултиматум: За 10 дена од денес Русија да ја запре војната