Утрински Весник
Економија

ТИРЗ воведе меѓународни ИСО стандарди за борба против корупција и квалитет во работата

Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони го имплементираше меѓународниот Стандард за спречување корупција ISO 37001:2016, со што стана една од првите државни институции со интегриран систем за антикорупција. Воведувањето на овој меѓународен стандард овозможува имплементација на соодветни механизми за превенција и откривање, како и конкретни мерки за борба против корупцијата. ТИРЗ го воведе и Системот за управување со квалитет во работата согласно меѓународниот ISO 9001: 2015 стандард кој треба да ја унапреди работата на Дирекцијата со цел намалување на трошоците и поголема ефикасност.

„ Со стандардизацијата целта е воведување на политика на нула толеранција за мито и корупција. Ова е важен елемент во привлекувањето на странски инвестиции со повисок квалитет кој е клучен во новиот концепт на ТИРЗ. Доброто владеење во секоја организација вклучува демонстрација на одговорност и воспоставување на стандарди со кои ќе се унапреди системот на функционирање и ќе се зголеми квалитетот на работата и услугите. Сертифицирањето е спроведено на наша иницијатива и е чекор кој верувам дека ќе придонесе кон зголемена доверба во институцијата. Интегритетот, транспарентноста и борбата против корупцијата се наши основни вредности врз кои се темели и новиот концепт ,“ вели Јован Деспотовски, директор на ТИРЗ.

Со воведувањето на ИСО стандардите за квалитет и антикорупција се дефинираат внатрешните и екстерните процедури за менаџмент, рано препознавање, разгледување и подобрување на системот против поткуп како и на системот за квалитет и подобрување на процесите во рамки на Дирекцијата. И двата воведени стандарди ги вклучуваат и вработените и ангажираните лица во ТИРЗ, нивната одговорност и работа како и примена на принципите дефинирани во политиките на Дирекцијата.

ИСО стандардот против корупција дава насоки за функционирање на системот за управување кој е така дизајниран за да и помогне на организацијата да го спречи, открие и реагира на поткуп и да се усогласи со законите против поткуп и доброволните обврски применливи за нејзините активности. ИСО стандардот за квалитет пак меѓу другото треба да придонесе кон рационално искористување на времето и ресурсите, унапредување на квалитетот на услугите, зголемена работна способност и продуктивност како и оптимизација на постоечките процеси.

Процесот на стандардизација се одвиваше во изминатите девет месеци. Компанијата Контролцерт која го спроведе, на годишно ниво ќе ја проверува имплементацијата на стандардите и ќе дава соодветни препораки за понатамошно унапредување на работата на ТИРЗ.

Можете да прочитате

Мицкоски очекува успешна сезона за лозарите

Трипуновски во посета на откупни центри за пченица во Пелагонискиот регион

Во Одборот на директори на ЗК Пелагонија влегува Јове Кекеновски