Утрински Весник
Политички Партии

Тинк тенк форум: Иднината на Западен Балкан во ЕУ зависи од внатрешната интеграција во Унијата

Тинк тенк форум: Иднината на Западен Балкан во ЕУ зависи од внатрешната интеграција во Унијата

Скопје, 8 март 2020 (МИА) – Земјите од Западен Балкан се составен дел од Европа и треба да се сметаат за сериозни партнери во европските прашања. Ова го истакна Марко Трошановски, претседател на Институт за демократија „Соцетас Цивилис“ на отворањето на тинк тенк форумот „Стимулирање на стратешка автономија. Придонесот на Западен Балкан за заедничка европска иднина“ што се одржува денеска во Скопје. Настанот, во организација на „Социетас Цивилис“, во соработка со Европскиот совет за надворешни односи канцеларија Софија, е дел од програмата на ко-претседателството на Северна Македонија и Бугарија со Берлинскиот Процес во 2020 година.

-Иднината на ЕУ и Западен Балкан се неразделно поврзани, поради што предизвиците, како што се прашањата од животната средина, миграцијата и прашањата за безбедноста, мора да бидат решени заедно преку заеднички и унифициран пристап. Агендата и сеопфатниот наратив на тинк тенк форумот 2020 го препознаваат Западен Балкан како рамноправен партнер на масата на ЕУ. Само заедно, европејците можат да работат кон целта на стратешката автономија, што ја истакнуваме како посакувана идна стратегија за улогата на ЕУ во светот. Предизвиците и промената на глобалните структури бараат силен и унифициран наратив од ЕУ, засилен со политичка волја и материјални капацитети. Само ако се обедини во наративот и дејствувањето, ЕУ може со сигурност да влијае на глобалните динамика, рече Трошановски.

Штефан Лене, вонреден професор на Carnegie Europe во Брисел и алумни на Europe’s Futures, осврнувајќи се на процесот на проширување рече дека пристапот на ЕУ кон проширувањето помина низ три фази. Првата беше антигеополитичка фаза, каде идејава беше да се зголеми сферата на интеграција на безбедноста преку врзување на економиите, и тоа функционираше извонредно добро, односно ЕУ се прошири од шест на 28 земји-членки. Но, вели, постепено овој процес изгуби сила како што се зголемуваше скептицизмот во рамките на Унијата, а Комисијата за да го заштити процесот го деполитизира и го претвори во техничко отворање и затворање на поглавја, во еден технократски процес во кој се изгуби значењето и за учесниците од Западниот Балкан и во самата ЕУ.

-И сето тоа се претвори во еден процес каде ЕУ глуми дека е отворена, а кандидатите глумат дека се реформираат и напредуваат. И тогаш стигнавме до кризната точка, односно блокирањето на преговорите со Северна Македонија и Албанија минатата есен, и мислам дека сега сме дојдени до момент кога влегуваме во нова фаза на трансформирање на проширувањето во еден геополитички процес. Ова е таа трета фаза – геополитичко проширување. Останува да видиме дали е ова доволно за да се обнови енергијата во овој процес. Лично сметам дека методологијата содржи корисни и интересни идеи, но истовремено мислам дека клучното прашање е дали може да ги убедиме земјите-членки повторно да му дадат енергија и да го туркаат напред овој процес, оцени Лене.

Според него, ривалството во високата политика води кон цетрифугална динамика во рамките на Европската унија и е многу тешко Советот на ЕУ да се договори околу одреден став поврзан со надворешната политика, односно има блокирања и вето. Но, вели, колку интеграцијата на ЕУ е подлабока, толку Унијата е поотпорна, на полето на трговија и други области.

-Иднината на Западен Балкан во ЕУ зависи од тоа дали оваа втора центрипетална динамика ќе преовлада, бидејќи ако притисокот води кон повеќе поделби, тогаш идејата за идно проширување ќе биде тргнато од масата. Но ако го погледнеме Западниот Балкан во поглед на општата позиција и изнаоѓањето на партнерства заради заштита на, како што се нарекува, европскиот начин на живот, тогаш мислам дека процесот ќе продолжи, заклучува професорот Лене кој во обраќањето се осврна на сите предизвици со кои е соочена ЕУ во моментов.

На Форумот учествуваат претставници на тинк тенк заедницата, на граѓанското општество и академици од Западен Балкан и земјите од ЕУ, кои ќе дебатираат на теми од различни области и предизвици што произлегуваат од Берлинскиот процес.

Министрите за надворешни работи од регионот заедно со други државни претставници од земјите на ЕУ вклучени во Берлинскиот процес, исто така ќе учествуваат во отворен и критички дијалог за заеднички предизвици и визии за иднината на Западен Балкан, како дел од силна и обединета Европа.

На првите два дена од форумот, на шест панел дискусии експертите ќе дебатираат за новиот зелен договор, економска и социјална конвергенција, миграција, безбедност/хибридни закани, владеење на правото и европска иднина.

На третиот завршен ден од форумот министри за надворешни работи од Западен Балкан и земји членки Европската Унија како и други државни претставници од земјите на ЕУ вклучени во Берлинскиот процес, заедно со претставници на тинк-тенк заедницата и на граѓанското општество, ќе дадат свој осврт на темите дискутирани на првите два дена од форумот.

Северна Македонија е прва од земјите од Западен Балкан, која заедно со Бугарија како земја членка на ЕУ годинава се јавува како ко-претседавач на Берлинскиот процес. Процесот е покренат на иницијатива на германската канцеларка Ангела Меркел, а првата конференција се одржа во Берлин во 2014 година. Целта е интензивирање на регионалната соработка во областа на екононскиот развој и инфраструктурно поврзување во контекст на евроинтеграцијата.

Дванаесет месечното претседавањето на Северна Македонија и Бугарија го презеде лани во Познањ,а  ќе финализира во јули годинава со годишниот самит кој заеднички ќе биде организиран во Софија и Скопје.вг/лв/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Митева: Денешната оставка на Ковачевски е почеток на крајот за СДС и ДУИ

Jana

СДСМ: ДПМНЕ е осамено на проруската агенда, против ЕУ и без коалициски партнери

Jana

Најголемата ИТ компанија во Македонија се ребрендира: Сеавус е сега Киншифт