Тетово, 20 април 2020 (МИА) – Како да се справат со чувствата на страв, загриженост, возбуденост и стрес поради неизвесноста дали ќе им се случи нешто непријатно во врска со коронавирусот. За ваквите психолошки проблеми се јавуваат поединци кај неколкуте психолози од здружението „Кортекс„ кои неколку недели даваат бесплатна стручна помош на граѓаните во насока на надминување на психолошките оптоварувања и стресната состојба што преовладува со ширењето на коронавирусот.
-Генерално, не може поединечно да се каже, главниот проблем за кој сакаат да зборуваат и да прашуваат луѓето е изолацијата и стравот да не се заболат. Ако случајно дојде до тоа, што понатаму. Втора работа е стресната ситуација што се јавува кај некои поради потребата да се биде во изолација. Тие што се јавуваат најчесто бараат решенија како да се справат со анксиозноста за време на овој период. Ние зборуваме советодавно – да се посвети внимание на себеси, да се завршат некои работи за кои искрено никогаш не сме ни помислеле дека можеме да ги направиме поради тоа што одиме на работа или пак се немало време за некои работи. Не е лошо да се посвети и на тоа внимание. Да се поминува врмето порелаксирано, да има повеќе дружење, да се воспостави повеќе блискост со своите дома, да им се посвети повеќе внимание на нив, објаснува Билјана Радичевска, психолог и членка на Здружението на психолози, советници и психотерапевти „Кортекс“ од Тетово.
Според нејзиното искуство, оние кои побарале психолошка помош не се од некоја општествена група или со одредена карактеристика.
-Се јавуваат луѓе од секаква возраст, пол, професија. И постари лица и многу помлади, да не речам деца но има и тинејџери, има од 14 години па нагоре. Се јавуваат и родители кои сакаат да прашаат и да се консултираат во однос на тоа како да се справат со децата во оваа ситуација. Главно се интересираат како да им го привлечат вниманието на децата да останат дома. Сите објаснуваат дека деца како деца гледаат дека времето е убаво па сакаат да излезат надвор. Со нив разговараме што да прават, на кој начин да им помогнат, како поедноставно да ги изолираат и да не ги ставаат во ризик, објаснува Радичевска.
Таа потенцира дека кога разговара со луѓето забележала дека и информациите со кои располагаат може да претставуваат една потешкотија на поединецот околу справување со неизвесноста. -Кога ќе ми кажат одредени работи се забележува дека луѓето се во дилема за одредена работа поврзана со заболувањето со коронавирусот и се оптеретуваат со тие информации кои ги имаат слушнато или прочитано. Имаат премногу информации, од секаде и самите тие информации понекогаш создаваат проблем што не би требало да го има. Прво и основно треба да се селектираат информациите, да се види кои се валидни, а кои се невалидни. Така ќе се дознае што е тоа навистина штетно, што е тоа што може навистина да те зарази, што е тоа што ти можеш да направиш погрешно па да заразиш некого. Тоа се работи за кои ние треба детално да бидеме информирани, за правилно да размислуваме и носиме одлуки кои се поврзани околу справувањето со опасноста од коронавирусот, рече психологот.
Ја прашавме психологот, зошто луѓето прават несовесни постапки во време на пандемија со кои загрозуваат други луѓе. Пример за тоа е кога искористените заштитни маски и ракавици наместо во кантите за отпадоци поединци ги фрлаат на земја, па со тоа уште повеќе ја зголемуваат опасноста од зараза на отворен простор. Прашањето се поставува бидејќи глетка на фрлени искористени ракавици внесува страв кај луѓето од можна зараза.
-Ако некои препораки се дадени за да се заштити нашето здравје, јас сметам дека би требало да ги почитуваме за да се заштитиме себеси, а после и другите. Доколку постапуваме по правилото дека треба да се заштитиме себеси треба да бидеме свесни дека и другите треба да бидат заштитени, односно да не правиме нешто со што би првично би било опасност и за нас самите и за сите останати, вели Билјана Радичевска.
На крајот од разговорот Радичевска со совет-да се почитуваат препораките за заштита од коронавирусот и да се гледа позитивно околу состојбата.
-На изолацијата дома може да се гледа позитивно, да не се гледа стресно, да се искористи за нешто што е добро. Некогаш кукаме и плачеме за да одиме побрзо дома, а сега кога го имаме тоа време се жалиме зошто остануваме дома и како да не знаеме што да правиме. Главно прашање што секој треба да го постави – што можам да направам во тие три дена кога ќе седам дома позитивно за себе. Некои работи за кои сме сакале да ги направиме па сте немале време, еве сега шанса, порачува Билјана.
Четворицата психолози Билјана Радическа, Сема Халили, Небахат Имери и Мајлинда Абази од Здружението ги понудија своите услуги бесплатно со определени термини преку телефон, електронска пошта, Скајп или Фејсбук месинџер од профилот на Здружението. Граѓаните може да се обратат на e-mail cortex.ps.co@gmail.com. Исто така, на профилите на социјалните мрежи на општина Тетово и Здружението „Кортекс“ објавени се термините и броевите на кои може да се добијат.
Александар Самарџиев