Тетово, 3 јуни 2020 (МИА) – Да се вози велосипед низ Тетово е речиси невозможно поради немањето соодветни патеки и сообраќајниот метеж, па дневната велосипедска рутина, љубителите на овој спорт и рекреација најчесто ја поминуваат низ патиштата кои водат до тетовските села. Вака го започнува разговорот и одговора тетовскиот велосипед Сенад Идризи, на прашањата како е да се занимаваш со овој спорт по повод 3 јуни, ден што Обединетите нации го прогласија за Светски ден на велосипедот во знак на признание за „уникатноста, долготрајноста и сестраноста на со оглед дека се користи веќе два века како чисто и еколошки одржливо превозно средство.
-Нема услови за возење низ Тетово, единствена патека ја има долж булеварот Илирија. На другите улици од паркирани возила не ни може да се помине. Нема ни обележан дел од коловозните ленти за велосипеди. Затоа ние низ град возиме водејќи се по непишаното правило дека сме невидливи па мора да внимаваме да не удри возило. Не даваат предност и мора да чекаме да поминат па да продолжиме, вели 32 годишниот спортист.
За да одржува кондиција мора да тренинира и да помине неколку десетици километри дневно. На дневна основа оди до некое од тетовските села и назад.
-Се вози на пример по стариот пат од Тетово до Желино, па накај селата Ратае, Јегуновце. Или од другата страна кон Боговиње па Чегране, Милетино и назад. Ги бираме овие локални патишта бидејќи нема сообраќај. Исто така добри за возење се патиштата кои водат кон планинските села, вели Идризи.
Од 1 јануари до сега има поминато 6.800 километри.
-Мината година поминав 12 илјади километри и учествував на шест трки. Годинава поради коронавирусот нема натпревари. Се обидувам да ја одржувам кондицијата со тренинг план што предвидува 60 до 70 километри со просечна брзина од 33/34 километри на час. Важен дел е елевацијата односно искачување кон повисока надморска височина, што се достигнува на пример до Попова Шапка. Патот до Калето, ридот Балтепе е една брза патека која ја минувам за 15-минути, а има нагорнина од 11,3% со 2, 7 километри должина, вели Сенад.
Од предизвиците сака да реализира подолго возење односно да помине 400 километри во еден ден.
-Сакав да возам до Белград, но сега не може поради ситуацијата. Сега размислувам тоа да го направам низ Македонија. Лани направив таква релација од 301 километар за 10,5 часа, објаснува тетовскиот велосипедист.
Во 2018 заедно со негов другар поминаа 33 дена на велосипед до Саудиска Арабија поминувајќи околу 3600 километри. ас/бк/