Утрински Весник
Свет

Тензии меѓу Кина и Унгарија поради улиците во Будимпешта

Тензии меѓу Кина и Унгарија поради улиците во Будимпешта

Опозицискиот градоначалник на Будимпешта, Гергеj Карачоњ, најави дека ќе ги преименува улиците во главниот град на Унгарија, во близина на планираниот кампус на кинескиот универзитет, во знак на  сеќавање за наводните повреди на човековите права од страна на Пекинг, што кинеското Министерство за надворешни работи го оцени како однесување достојно за презир.

Според најавите, една улица во Будимпешта ќе го носи името на прогонетиот Далај Лама, духовниот водач на Тибет, кого Пекинг го означува како опасен сепаратист, објави „Ројтерс“.

Втората ќе се вика „Улица на ујгурските маченици“ по муслиманската етничка група за која Вашингтон и другите престолнини тврдат дека била жртва на кинескиот геноцид, а третата ќе биде наречена „Улица на слободен Хонгконг“.

Четвртата улица ќе биде преименувана во кинески католички бискуп кој е во затвор.

Кина негира дека ги загрозува човековите права.

„Неколку унгарски политичари намерно се обидуваат да покренат прашања поврзани со Кина со цел да привлечат внимание и да ја нарушат кинеско-унгарската соработка. Ова однесување е достојно за презир”, рече Ванг Венбин, портпарол на кинеското Министерство за надворешни работи.

Преименуваните улици ќе бидат лоцирани во областа каде што се наоѓа кинескиот универзитет Фудан, кој планира да отвори кампус и да понуди магистерски програми за либерални уметности, медицина, бизнис и инженерство за 6.000 студенти.

Можете да прочитате

Драма на аеродромот во Анталија, авион се запали – евакуирани 79 патници

Сибиха бара партнерите да и обезбедат на Украина системи за пресретнување на ракетите Орешник

Будистички манастир под истрага: 41 тело откриено во Тајланд