28 мај 2020
Попладнево, министерот за надворешни работи Никола Димитров телефонски разговараше со потпретседателот на Владата на Република Србија и министер за надворешни работи Ивица Дачиќ.
Со српскиот колега беа споделени искуства во борбата со здравствената криза, како и информации за епидемиолошката состојба во Северна Македонија и Србија. Министрите разговараа и за плановите за натамошно ублажување на рестриктивните мерки, притоа запазувајќи го јавното здравје.
Министерот Дачиќ информираше дека веќе не е потребна посебна согласност за влез на странски државјани во Република Србија и дека преминувањето на српските граници, сега се одвива според вообичаен режим.
Двајцата министри се согласија за интензивна билатерална соработка и продлабочување на односите меѓу двете пријателски земји. Во таа смисла, МНР Димитров ја прифати поканата на МНР Дачиќ да оствари официјална посета на Србија во наредниот период, кога условите тоа ќе го дозволат.
Министерство за надворешни работи
___________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.