Утрински Весник
Македонија

Тајванци како заробеници работеле во измамнички кол-центри во скопската населба Бардовци

Тајванци како заробеници работеле во измамнички кол-центри во скопската населба Бардовци

Полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во соработка со неколку други оддели сузбија криминална група од Тајван што вршела телекомуникациски измами и трудова експлоатација на државјани на Тајван, при што се приведени девет лица-државјани на Тајван.

Криминалната група функционирала во повеќе земји и по првичните оперативни информации за нејзино присуство на наша територија, во координација со полицијата на Тајван и Интерпол, веднаш е пристапено кон преземање мерки за детектирање и нејзино сузбивање.

Како што информираат од МВР, млади луѓе од Тајван биле регрутирани од страна на т.н. „синдикати“ за да работат во странство.

Повеќето од младите не ги знаеле сите детали за работата која треба да ја вршат се додека не стигнат до крајната дестинација. По пристигнувањето тие биле физички ограничени во куќа, која функционирала како „кол центар за телефонски измами“ и немале пристап до нивните пасоши и мобилни телефони.

Биле принудени да работат со часови без да им бидат исплаќани надоместоци или плати. Жртвите биле тепани доколку не ги почитуваат наредбите.

Таканаречените „синдикати“, користат брз интернет за воспоставување меѓународни разговори. Телефонските оператори од прво ниво се претставувале лажно дека се службеници во банка или поштенска служба или службеници за осигурување.

Следно, операторите од второ ниво лажно се претставувале како полициски службеници за да приберат целосни лични податоци и бараат доказ за извршена уплата за некаква казна.

Конечно, жртвите на телефонските измами биле префрлани во „трето ниво“, каде операторите им се претставувале како обвинители или судии и ги убедувале жртвите дека ќе бидат соочени со тешки обвиненија доколку не соработуваат и доколку не ги префрлат парите на назначените сметки со цел намалување на казната или ослободување од казна.

Во координација со ОЈО и добиена наредба од судија на претходна постапка, на 7 мај годинава извршени биле претреси на две локации во населба Бардовци, Скопје.

На првата локација биле затекнати и приведени шест членови на криминалната група, како и 25 жртви (сите државјани на Тајван), а на втората локација еден член на криминалната група и 10 жртви (сите државјани на Тајван).

Дополнително, детектирани се уште две лица од криминалната група, кои биле сместени во хотел во Скопје, како и уште четири лица-жртви, кои биле сместени во друг хотел во Скопје. Вкупно иднетификувани се 39 жртви на трудова експлоатација.

По добиени насоки од јавен обвинител, сите обезбедени материјални докази ќе бидат предадени на надлежните служби за спроведување на законот од Тајван, заедно со идентификуваните жртви и лицата идентификувани како членови на меѓународната криминална група, за нивно натамошно процесуирање во Тајван, каде се обвинети за повеќе кривични дела.

Можете да прочитате

Уништување на македонското знаме предизвика бурни реакции во јавноста

СДСМ најостро ги осудува инцидентите и сквернавењето на македонското знаме

ВМРО ДПМНЕ: Арсовска е креаторот и изворот на хаосот во јавните претпријатија и во Градот Скопје