Утрински Весник
Македонија

Сè помалку критичко мислење, сè повеќе дезинформации, пропаганда и говор на омраза

Сè помалку критичко мислење, сè повеќе дезинформации, пропаганда и говор на омраза

Денеска како дел од Деновите на медиумска писменост, во рамките на проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – Критинк“, спроведуван од „Метаморфозис“ и „Евротинк“ со поддршка на Европската Унија, беше организирана јавна панел дискусија на која се анализираа резултатите од истражувања за медиумска писменост и критичко мислење спроведени во претходната година, како и искуствата од терен за едукација во оваа област.

„Лошата економска состојба на медиумите се одразува со многу слаб квалитет на новинарски содржини, слаби продукти, а следствено на тоа и слаб интерес за вработување во оваа сфера. Слабата финансиска состојба на медиумите ги прави медиумските работници лесно ранливи, и подложни на директни или индиректни притисоци. Најголемиот процент од испитаниците сметаат дека атрактивноста на новинарската професија е во постојан пад, доминира перцепцијата за ниски плати и лоши работни услови, недоверба кон новинарската професија, како и пад на новинарските стандарди и слобода на изразување. Половина од испитаниците сметаат дека политичките партии се најголем извор на притисок,“ се вели во истражувањето на „Метаморфозис“ и „Евротинк“, кое го презентираше Иван Стефановски.

Во однос на слободата на изразување, Стефановски додаде дела направен е голем исчекор во период од 2017 година па наваму, но сепак и според извештајот на Европската комисија, на ова поле треба уште многу да се работи. Во однос на истражувачкото новинарство било утврдено дека недостасуваат финансиските капацитет но и човечки ресурси, а речиси сите испитаници одговориле дека се потребни дополнителни вештини, знаења и обуки за новинарите и поголема медиумската писменост за граѓаните.

Весна Никодиноска, презентираше истражување од Македонски институт за медиуми – МИМ во кое се вели дека говорот на омразата, пропагандата и дезинформациите одбележаа еден долг и мрачен период во политичката и во медиумската сфера од 2008 до 2016 година, но се забележуваат и оваа година кога има и пораст, што е особено карактеристично за интернет просторот.

„Има медиуми што отворено фаворизираат политички опции, шират дезинформации и полувистини во корист на политичките центри на моќ. Беа забележани неколку случаи во кои преку онлајн медиумите и социјалните мрежи неколку новинарки и уреднички беа мета на закани, навреди и непристоен јазик и говор на омраза. Интернет-медиумите не подлежат на медиумска регулација, a голем дел од тие што немаат транспарентна сопственост не се дел од саморегулативните тела. Говорот на омраза опстојува и поради практиката на неказнивост и непостапување на надлежните институции,“ вели Никодиноска.

Таа го потенцираше и моментот со улогата на компаниите како огласувачи во онлјан медиумите и забележа дека оние кои во континуитет ги прекршуваат професионалните и етичките стандарди имаат повеќе реклами од информативните портали. Оттука на дебатата се истакна и важноста на општествената одговорност на големите огласувачи кои треба да бидат свесни каде се рекламираат, и да ги поддржуваат вистинските вредности за професионално новинарство.

Ѓорѓи Митревски од Институт за истражување на општествениот развој РЕСИС презентираше истражувања направени за Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги како и за ОБСЕ, во кои се презентираа навиките на граѓаните за користење на традиционалните медиуми и Интернетот како извори на информирање, но и возрасната група која го користи Интернетот за информирање.

Интересно согледување од оваа презентација е што 72 проценти од испитаниците информациите ги примаат преку Интернет, но ги проверуваат низ интеракција со блиски луѓе, односно лица од опкружувањето, не низ свои сопствени веродостојни канали.

„Телевизијата е доминантен медиум од традиционалните и од неа се информираат 83 проценти од испитаниците. Но исто толкав процент од испитаниците пристапуваат и на Интернет. 76 процнети од испитаниците на секојдневна основа за настаните се информираат од телевизија и Интернет. И тоа 89 проценти од постови на Фејбсук, 59 проценти од агрегаторите на вести, 49 проценти посетувајќи ги порталите,“ се вели во дел истражувањето презентирано од Митревски.

Наодите исто така покажале дека граѓаните имаат подеднаква недоверба во информирањето и од страна на телевизиите и од страна на порталите.

„60 проценти од испитаниците одговориле дека вестите на порталите се политички обоени, сметаат дека настаните се конструирани и се пренесуваат неточни прикаски. Публиката забележува конструирани и лажни информации. Над 50 проценти од испитаниците, вистинитоста ја проверуваат низ разговори со блиски луѓе, а само мал процент преку истражување, споредба со релевантни извори,“ додаде Митревски.

Петрит Сарачини од ЦИВИЛ – Центар за слобода, кои го набљудувале предизборниот период истакна дека во 21-дневната политичка кампања имало по најмалку четири обиди за организирано оркестрирано делување со објава на содржини со говор на омраза, дезинформации, лажни вести на онлајн медиумите и социјалните мрежи со цел дискредитирање, обиди за напади на политичките кандидати, а неретко и лица кои воопшто не учествувале во изборниот процес.

„Пропагандата, дезинформациите и омразата во онлајн медиумите и на социјалните мрежи предизвикува поделби меѓу граѓаните и тоа се манифестира преку говор на омраза и закани. И многу често омразата од виртуелниот свет се прелева во реалноста која резултира со инциденти, закани со оружје, вандализам, напади, насилство. Државата нема доволно механизми за справување со дезинформациите, а ниту тие механизми што ги имаме за борба не се употребуваат соодветно за намалување на серијата на кривични дела,“ рече Сарачини.

Тој додаде дека имаме мали но недоволни успеси за саморегулација во медиумите, бидејќи тие кои ги создаваат потпалувачките содржини не се дел од саморегулаторните механизми.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Бишев: Јавниот долг до крајот на годината би изнесувал околу 68,5%

Нов земјотрес вечерва повторно ја стресе Македонија

Перински: ЈП „Улици и патишта“ нема пари за плата, а не пак да чисти снег