Утрински Весник
Македонија

Сугарески: Нема да има селективност при уривање на дивоизградените објекти во Охрид и Струга

Сугарески: Нема да има селективност при уривање на дивоизградените објекти во Охрид и Струга

Законот е еднаков за сите и нема да се применува селективност при уривање на дивоизградените објекти во Охрид и Струга“ истакна министерот за транспорт и врски Горан Сугарески при денешната работна посета на општина Охрид.

Тој потенцираше дека инспектори од Државниот градежен инспекторат уште од почетокот на изминатата недела се на терен и вршат масовни контроли на Охридско-Струшкото крајбрежје.

При посетата на Охрид министерот Сугарески во придружба на градоначалникот Константин Георгиески изврши увид во градежните работи за реконструкција на водоводна и канализациона мрежа на ул. „Абас Емин“ во Охрид.

Проектот е во вредност од 466 376 евра и предвидува реконструкција и изградба на околу 4 километри водоводни и канализациони линии.

„ Како министерство особено сме задоволни што овозможуваме огромна поддршка на општините за реализација на проекти од огромно значење за граѓаните, па затоа низ текот на овие години силен фокус ставивме на подобрување на комуналната инфраструктура во општините, преку изградба и реконструкција на водоводи и канализации. Токму овој проект е резултат на заедничка соработка меѓу централната и локалната власт. Исто така, сакам да истакнам дека заедно со ЈП за државни патишта го реконструираме и транзитот низ Охрид, завршивме со стариот пат за Струга, годинава започнуваме со реконструкција и на патниот правец до Ќафасан, во меѓувреме работиме на изградбата на автопатот Кичево–Охрид, а рехабилитиравме и неколку регионални патни правци во Струшкиот регион. Дополнително работиме и на рехабилитација и санација на локалните патишта и улици, за што општина Охрид преку Министерството за транспорт и врски доби на располагање 1 милион евра. Генерално имаме силна реализација на капитални инвестиции во овој регион и верувам дека овие проекти овозможуваме подобар живот за граѓаните и услови за развој на општините“ изјави Сугарески.

Сугарески додаде дека капиталните инвестиции во ресорот Транспорт ќе продолжат и во следниот период да се одвиваат со силно темпо и нагласи дека ќе биде реализирано сè она што во Владината програма е предвидено за оваа година.

Градоначалникот Георгиески истакна дека станува збор за доста значаен проект со кој се решава еден горлив проблем на граѓаните кои живеат во овој дел на градот.

„ Веднаш по завршувањето на реконструкцијата на водоводните и канализационите линии следува тампонирање и асфалтирање на улицата во два слоја, а како што тече изградба на комуналната мрежа, така службите на нискоградба и водовод паралелно прават и приклучоци на новата мрежа“ изјави градоначалникот на општина Охрид, Константин Георгиески.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

СДСМ утре на Конгрес ќе избира ново раководство

Македонските вина се продаваат во 40 држави во светот, Владата најавува зголемено производство и извоз

Три години од трагедијата во Бугарија во која загинаа 45 македонски државјани