Скопје, 25 јуни 2020 (МИА) – Јорганџии, опинчари, крзнари, грнчари, шапкари, ковачи, лимари, казанџии, се само некои од занаетчиите кои годинава ќе бидат финансиски поддржани од Град Скопје. Со вкупно еден милион денари Градот ќе субвенционира набавка на потребни алати и репроматеријали, покривајќи 80 отсто од вредноста, но не повеќе од 50.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход.
Поддршката важи за алат и репроматеријал набавен од 01.01.2020 година.
Повикот е веќе објавен и ќе трае заклучно со 15.12.2020 година. Реализиран ќе биде по принципот „прв дојден прв услужен“, до исцрпување на средствата предвидени со Буџетот на Град Скопје за 2020 година.
Целта на субвенционирањето, како што соопшти Градот, е да се поттикне развојот на традиционалните занаети во изумирање.
Право на учество на јавниот повик имаат занаетчии кои не добиле буџетски средства од проекти за субвенционирање од други извори, занаетчии кои се регистрирани согласно Законот за вршење занаетчиска дејност и вршат занаетчиски дејности во изумирање (јорганџија, опинчар, јажар, крзнар, грнчар, шапкар, ковач, лимар, казанџија, копчар, свеќар, венци, сита, саатчија, ракотворби-корпар, ракотворби-изработка на сувенири, домашна ракотворба, производство на музички инструменти и самарџија), како и регистрирани занаетчии кои имаат сопствен или дуќан под закуп лоциран во Скопје, кои имаат намирени обврски кон државата и вработените и кои почнале со работење најмалку една година пред објавувањето на јавниот повик (регистрација/упис во Регистарот на занаетчии).
Барањето за субвенција заедно со комплетна документација треба да се достави во затворен плик преку Архивата на Град Скопје на адреса: Град Скопје, Сектор за локален економски развој, бул. „Илинден“ бр.82, 1000 Скопје (со назнака – Пријава за јавен повик за субвенционирање на занаетчии за набавка на потребни алати и репроматеријали за занаети во изумирање во градот Скопје), најдоцна до 15.12.2020 година.
Барањето може да се достави и по електронска пошта, со што комплетната документација наведена во барањето, треба да се достави скенирана на е-mail адресата subvencii.zanaetchii@skopje.gov.mk. мч/са/