Утрински Весник
Свет

Студија: Оздравените од коронавирус имаат антитела и четири месеци по болеста

Студија: Оздравените од коронавирус имаат антитела и четири месеци по болеста

Нивото на антитела на новиот коронавирус се зголемило и останало стабилно четири месеци кај повеќе од 90 проценти од пациентите во Исланд кои оздравеле од Ковид-19, покажа студијата објавена во вторникот.

Претходните студии покажаа дека нивото на антитела значително опаднало за само неколку месеци по закрепнувањето од Ковид-19, покренувајќи го прашањето за времетраењето на здобиениот имунитет.

Новото откритие може да доведе до заклучоци во врска со повторното заболување и трајноста на вакцината, изјави извршниот директор на deCode Genetics, Кари Стефансон, кој го водеше истражувањето.

За да добијат слика за тоа колку луѓе во Исланд биле заразени со новиот коронавирус и да дознаат повеќе за имунитетот по закрепнувањето од болеста, истражувачите го мереле нивото на антитела на повеќе од 30.000 Исланѓани.

Врз основа на добиените резултати, тие проценија дека околу 1 процент од населението е заразено. Од таа група, 56 проценти имале дијагноза потврдена со стандарден лабораториски ПЦР-тест. Кај 14 проценти, болеста не била официјално дијагностицирана, но тие биле ставени во карантин по изложувањето на вирусот. Кај преостанатите 30 проценти, анализата на антитела покажала дека претходно биле заразени.

Кај 91 процент од 1.215 лица чија инфекција била потврдена со ПЦР-тест, нивото на антитела се зголемило во текот на првите два месеци по дијагностицирањето, а потоа ја достигнало највисоката точка на која останале, објавија истражувачите.

Студијата, објавена во „The New England Journal of Medicine“, се фокусираше на хомогената популација на една земја, така што резултатите можеби нема да бидат исти во другите делови на светот со различна популација.

Коментар објавен заедно со студијата предупредува дека не е јасно дали антителата ќе ги заштитат оздравените пациенти од нова вирусна инфекција. Сепак, покажува дека тестирањето на антитела може да биде алтернатива на самото тестирање на инфекција и дека може да има подобри резултати во набљудувањето на населението, додека земјите ја разгледуваат можноста за безбедно отворање на стопанството и училиштата.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Анкета: Повеќето Американци се задоволни од победата и потезите на Трамп при трансферот на власта

Пожар во фабрика за воена опрема во Русија

Aвион на DHL се урна врз двокатна куќа во Литванија