Студентите во Србија најверојатно ќе се вратат во студентските домови кон средината на месец мај. Оваа одлука ја соопшти тамошниот министер за образование, а следуваше по најавата дека некои факултети ќе спроведат испитни сесии кон крајот на месецов. Северниот сосед има безмалку 10.000 заразени со корона-вирусот, што е убедливо највисока бројка во регионот. Кај нас, бројот на случаи до денеска изнесува 1.572, што е над 6 пати помалку. Студентските домови во Скопје остануваат празни и сѐ уште нема најава дали наскоро истите ќе ги отворат вратите за студентите.
За студентските домови да бидат повторно отворени, потребна е препорака од Комисијата за заразни болести, а потоа и усвојување на истата од страна на Владата. Како ќе изгледа животот во студентските домови во вакви околности, според директорот на Државниот студентски дом Скопје, Дарио Николовски зависи од протоколите кои дополнително ќе се утврдат.
„Доколку Комисијата за заразни болести донесе предлог за отворање на факултетите, во зависност од потребата, ние сме подготвени да разговараме и за отворање на студентските домови. Во случај да биде донесена таква одлука, стручните лица ќе ги утврдат протоколите и препораките за однесување и истите ќе бидат имплементирани во функционирањето на студентските домови“, вели Дарио Николовски за Мета.
Според договорите за сместување, студентите имаат право на престој во домовите заклучно со 30 јуни. Но, доколку биде одлучено факулетите да ја одржат јунската, а можеби и дополнителни вонредни испитни сесии во текот на летото, тоа би ја наметнало потребата студентите од внатрешноста да останат во Скопје во текот на летниот период, со оглед на тоа што ќе се зголеми бројот на предмети кои би ги полагале поради досегашното отсуство на полагања. Во овој случај, Николовски не ја исклучува можноста престојот во домовите да биде продолжен во текот на летните месеци.
Иако засега е нејасно како би се одвивало секојдневието во домовите, она што е познато е дека доколку се вратат, студентите ќе бидат пречекани со подобрени услови. Додека студентските домови се празни, овој момент се искористува за средување на внатрешноста и околината на домовите, вели Николовски. Дезинфицирањето се очекува да започне деновиве.
„Покрај дезинфекцијата како една од основните активности, продолжуваме со работа во внатрешноста на домовите. Во меѓувреме се одвива и уредување на надворешните површини. Уредувањето на дворот на студентскиот дом „Кузман Јосифовски- Питу“ е завршено. Се работи на уредување на зелените површини во студентската населба „Стив Наумов“, а наскоро ќе биде завршено и уредувањето на „Гоце Делчев“, додава Николовски.
Студентите ги напуштија студентските домови на 11 март со одлука на Владата, по што во неколку наврати им беше овозможено да ги подигнат своите неопходни и лични работи.