Стотици писатели ќе се соберат во Њујорк за да ги читаат делата на Салман Ружди, по примерот на настанот првпат одржан откако на авторот му беше издадена фатва (смртна казна) во 1989 година, кога на јавните плоштади беа читани извадоци од „Сатанските стихови“.
Авторите Пол Остер, Тина Браун, Киран Десаи, Аманда Форман, Сири Хуствед, Хари Кунзру ќе бидат меѓу оние кои ќе учествуваат на настанот „Поддршка на Салман Ружди“.
Писателите ќе се соберат на скалите на Јавната библиотека во Њујорк во утре наутро, точно една недела откако Ружди (75) беше избоден со нож за време на настан во Њујорк.
Британскиот автор со индиско потекло моментно се опоравува во болница. Неговите повреди се „сериозни“, рече неговиот агент Ендрју Вајли; се здобил со 10 убодни рани, му бил оштетен црниот дроб и му биле отсечени нервите на раката и окото.
Синот на писателот Ружди, Зафар рече дека неговиот татко можел да зборува и дека „неговата вообичаена жестока и пркосна смисла за хумор останала недопрена“.
Утрешниот настанот е организиран од ПЕН Америка, Јавната библиотека во Њујорк, издавачот на Ружди – Penguin Random House и House of SpeakEasy.
Настанот ќе се пренесува во живо, а ПЕН Америка бара од оние што не можат да присуствуваат да ја покажат својата поддршка со тоа што ќе организираат јавно читање на делото на Ружди во нивната заедница.
Човекот обвинет за напад на Ружди, Хади Матар, се изјасни за невин по обвиненијата за обид за убиство и напад.