Стив Вознијак поднесе тужба против „Јутјуб“, тврдејќи дека таа платформа постојано ги игнорирала неговите барања да ги симне лажните биткоин наградни игри кои го користат неговото име.
Тој ги спореди постапките на „Јутјуб“ со она што го стори „Твитер“, затоа што оваа социјална мрежа брзо отстрани слични измами откако Вознијак и другите познати личности беа хакирани минатата недела.
Вознијак ја поднесе тужбата заедно со 17 други лица, а нивната цел е да ги принудат „Јутјуб“ и неговата матична компанија „Алфабет“ да ги избришат спорните видеа и да ги предупредат корисниците за измамата. Овие јутјуб-измами ја користат фотографијата на Вознијак за да ги убедат корисниците дека биткоините што ги инвестираат ќе се удвојат.
„Кога корисниците ја префрлаат својата криптовалута на измамници во трансакција што не се враќа, тие не добиваат за возврат ништо“, се наведува во тужбата. Како што тврди Вознијак, Јутјуб исто така профитира од овие измами, така што не сака да ги отстрани, пренесува Engadget.
Кога беа хакирани сметките на познатите на „Твитер“, Вознијак коментираше дека тоа веќе му случило нему и на Илон Маск, но на платформата на „Јутјуб“.
„Нашиот углед е нарушен. Луѓето ни испраќаат мејлови и ги бараат ветените биткоини, тие се лути. Вистинскиот проблем е што не постои вистински начин со алгоритам да се исклучат ваквите измами, дури и при очигледно кршење на авторските права“, рече Вознијак.
Засега нема конкретен одговор од „Јутјуб“ на обвинувањата на Вознијак, но тие претходно во слични ситуации се повикуваа на Законот за почитување на комуникациите, во кој се вели дека давателите на услуги (т.е. давателите на услуги на платформа) не можат да бидат одговорни за содржината што ја објавуваат корисниците.