Утрински Весник
Македонија

Стерјовски: Областите каде што живеат Македонците се најсиромашни, Владата мора да инвестира

Стерјовски: Областите каде што живеат Македонците се најсиромашни, Владата мора да инвестира

Тирана, 4 јуни 2020 (МИА) – Пратеникот од единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, Васил Стерјовски, на денешната пленарна седница на албанскиот законодавен дом, побара од Владата да инвестира во областите каде што живеат Македонците, зашто, како што рече, тие се најсиромашни области во Албанија.

-Во име на партијата Македонска алијанса за европска интеграција ја повикувам Владата и локалните власти да инвестираат и да ги подобрат условите за живот и работа во областите каде живее македонската заедница. Овие области се најсиромашни области во нашата земја, запоставени од сите влади во последните 30 години, без потребната патна инфраструктура, водоснабдување, канализација, здравствена услуга, електрична енергија и друго, рече Стерјовски.

Додаде дека пандемијата со ковид-19, како впрочем и на целата територија на Албанија, многу ги погодила областите каде што живее македонската заедница.

Според него, поголемиот дел од македонската заедница особено во руралните средини, областите Преспа, Гора, Голо Брдо и селото Врбник во областа Девол „преживуваат благодарение на емиграцијата во Македонија и во Грција“.

-Стапката на невработеност во овие области пред пандемијата со коронавирусот беше повисока од просечната стапка на невработеност во нашата земја. Затворањето на границите го отежнa животот за македонската заедница. Македонците што живеат во пограничните области со Македонија со нетрпение ја чекаат одлуката на Владата на Македонија да ја отвори границата, како што тоа го стори Владата на Албанија на први јуни, за да работaт како сезонски работници во Македонија, посочи тој.

Секако, констатираше Стерјовски, отворањето на границата од страна на С. Македонија ќе ја зголеми и економската соработка, трговијата и туризмот помеѓу двете земји.

Во својата дискусија тој ја поддржа Владата на премиерот Еди Рама за издавање еврообрзница.

-Нашата економија за кратко време силно беше погодена, најпрво од земјотресот на 26 ноември 2019 година, а сега и од пандемијата. Издавањето на еврообврзницата во висина до 650 милиони евра треба да послужи да се намалат ефектите од овие појави и за закрепнување на домашната економија, рече Стерјовски.

Тој, од свое име, во име на МАЕИ чиј претседател е и во име на сите Македонци, искажа голема благодарност до здравствените работници, припадниците на полицијата и армијата за „нивната пожртвуваност да им помогнат на граѓаните да се справат со Ковид – 19“. вт/вг/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Вучиќ–Сиљановска Давкова: Србија и Северна Македонија можат да понудат многу во лозарството и туризмот

Шумски пожар над охридските села Куратица и Опеница, на терен дејствуваат три ер-трактори

ДУИ да одговори – дали за време на нивните патувања избегнуваат скенери, вели Таравари