Утрински Весник
Македонија

Стерјовски и забележа на Владата на Рама за незаинтересираноста за пополнување на испразнетото место што и припаѓа на македонската заедница

Стерјовски и забележа на Владата на Рама за незаинтересираноста за пополнување на испразнетото место што и припаѓа на македонската заедница

Тирана, 25 јуни 2020(МИА) – Пратеникот од Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, во албанскиот парламент, Васил Стерјовски на денешната пленарна седница на законодавниот дом во Тирана, искажа незадоволство од незаинтересираноста на Владата да го пополни местото во Комитет за национални малцинства, со претставник од македонската заедница, повеќе од година и пол.

– Во ноември 2018 година, членот на македонската заедница го напушти овој комитет и до ден денес македонската заедница останата е без свој претставник. Владата треба што поскоро, во независна и транспарентна постапка, да го избере членот на Комитетот за националните малцинства од редовите на македонската заедница, кој треба да го крене гласот за проблемите што ги има македонската заедница и кои треба да бидат решени, рече Стерјовски.

Потсети дека една од препораките што треба да се исполни до првата меѓувладина конференција за започнување преговори со ЕУ е усвојување на подзаконските акти на „Законот за заштита на правата на националните малцинства во Република Албанија“.

– Во 2004 година, владата го формира Државниот комитет за малцинствата како централна институција под надлежност на премиерот, со задача да ја подобри заштитата на малцинствата во земјата. Како што е забележано во многу извештаи на меѓународни институции, кои се занимаваат со правата на малцинствата, оваа институција е ранлива на политичко мешање, што резултира со целосна контрола од страна на извршната власт и нејзина трансформација од страна на тело за одбрана на малцинствата, во тело штетно за дијалогот меѓу владата и малцинствата, посочи тој.

И покрај овие проблеми во минатото, нагласи Стерјовски, оваа институција со Законот за заштита на правата на малцинствата го менува своето име во Комитет за национални малцинства и презема важна улога како советодавно тело, одговорно за давање препораки за политиките поврзани со правата на малцинствата и финансирање проекти за заштита на малцинствата преку Фондот за национални малцинства.

– Во декември 2018 година, Советот на министри (владата) ја донесе Одлуката бр. 726 за организација и функционирање на Комитетот за национални малцинства, додека во мај 2019 година, Одлуката бр. 286 за одобрување на постапките за избор на претседател, потпретседател и членови на Комитетот. Иако помина повеќе од една година од донесувањето на подзаконските акти, од страна на владата немаше политичка волја да го реорганизира во Комитетот за националните малцинства, туку функционира во стариот состав, забележа Стерјовски.

Според новата законска регулатива во Комитетот членуваат претставници на сите признати национални малцинства, со четиригодишен мандат. Претседателското место е ротирачко, што значи на секој нов мандат тоа му припаѓа на друго малцинство. вт/ир

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Николоски: Ќе се гради алтернативен пат на трасата Тетово – Гостивар за да не се отсечат жителите од Полог

Гаши: Газењето на државни знамиња е напад врз сите етнички заедници

Адвокатот Митровски: За палењето на македонското знаме може да се одговара и до пет години затвор