Утрински Весник
Македонија

Стартува проектот „ЕУ за општините“, со 5 милиони евра од ЕУ ќе се зајакнува работењето на општините

Стартува проектот „ЕУ за општините“, со 5 милиони евра од ЕУ ќе се зајакнува работењето на општините

Од денеска стартува аплицирањето за повикот за предлог-проекти „ЕУ за општините“, кој има за цел зајакнување на единиците на локалната самоуправа, преку три приоритети на ЕУ, солидарност, соработка и зелен пристап. Проектите ќе се финансираат со 5 милиони евра, обезбедени од ЕУ, а дополнително, ќе се кофинансираат со 600.000 евра од буџетот на државата што ќе се реализира преку Министерство за локална самоуправа (МЛС).

Почетокот на повикот за овие проекти го означија Дејвид Гир, амбасадорoт на ЕУ, Горан Милевски, министерот за локална самоуправа и Петре Шилегов, претседател на ЗЕЛС и градоначалник на Скопје, соопштија од МЛС.

„Проектите имаат за цел да ги приближат основните принципи на ЕУ за локална самоуправа до Северна Македонија. Тоа ќе се реализира со општини од ЕУ, преку споделување на искуство и знаење со македонските општини, за тоа, како да се решат локалните проблеми. Се охрабруваат проекти за развој на иновативни концепти и употреба на национални ресурси во справувањето со проблемите на локално ниво. Со поддршка на ЕУ, локалните самоуправи ќе ги подобрат услугите и ќе бидат подготвени да преземат пошироки надлежности“, соопштија од МЛС.

Министерот Милевски ги повика градоначалниците, граѓанските организации и бизнис заедницата, заеднички да направат промени во општините, преку проектот „ЕУ за општините“.

„МЛС од буџетот на државата обезбедува 600.000 евра за кофинансирање на одобрените проекти. Повикот е објавен и ќе биде отворен до 30 декември, а условот е тие да понудат нов начин на решавање на проблемите во општините, да ги подобрат постојните или пак да креираат нови локални услуги. Соработката со граѓанскиот и со бизнис секторот е важна за да се идентификуваат вистинските потреби и соодветно да се одговори на потребите на граѓаните. ЕУ обезбеди и дополнителни милион евра за техничка подготовка“, изјави Милевски.

Според Милевски главните области на кои што треба да се фокусираат проектите се: иновативни решенија за нови услуги или за подобрување на постојните; подобра социјална грижа и социјални услуги; подобрување на капацитетите на кризниот менаџмент; економско заздравување после кризата со пандемијата, работни места и вештини; како и приоритети поврзани со климатските промени и одржливото користење на националните ресурси. Имплементацијата на проектот ќе трае 3 години.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Николоски: Од јануари нов пакет од 250 милиони евра владина подршка, општините да подготвуваат нови проекти

Архитектонскиот факултет при УКИМ ќе одбележи 75 години

Ден на Академијата и доделување на признанието „Блаже Конески“ во МАНУ