Започнува кампањата за подигнување на свеста за работничките права: „Мој труд, мои права!“, која ќе се спроведува во наредните неколку месеци, а чија цел е да ги информира вработените, лицата кои бараат работа, младите и работодавачите за правата и за обврските што произлегуваат од работниот однос.
На денешната прес конференција организирана од Меѓународната организација на трудот (МОТ), беше најавен почетокот на оваа кампања која ќе се одвива преку разни активности на медиумите, интернет порталите и алатки на социјалните мрежи, на кои ќе се нудат детални информации поврзани со работничките права.
Според министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, во почитувањето на работничките права не смее да има компромиси, а борбата за нив треба да биде постојана и во фокусот на институциите, инспекциските служби, работодавачите, работниците и барателите на работа.
„Да се бори за своите права и да бара заштита, може само оној кој е добро информиран и добро запознаен со правата. Сметам дека токму оваа кампања за подигнување на свеста „Мој труд, мои права!“ ќе биде од големо значење за поголемо информирање“, рече Шахпаска.
Таа посочи дека според начинот на кој е осмислена, кампањата ќе допре до оние кои се веќе вклучени на пазарот на трудот, а тоа се работниците и работодавачите, но и до невработените и до младите лица, кои допрва ќе треба да се вклучуваат на пазарот на труд.
Кампањата ќе ја спроведува Економско социјалниот совет (ЕСС), со помош од експертски тим од проектот за „Зајакнување на социјалниот дијалог“, финансиран од ЕУ, преку Инструментот за претпристапна помош и поддршка што го спроведува Меѓународната организација на трудот (МОТ).