Утрински Весник
Македонија

Стартуваше МИА школата за агенциско новинарство со фокус на теми поврзани со ЕУ

Стартуваше МИА школата за агенциско новинарство со фокус на теми поврзани со ЕУ

Скопје, 26 февруари 2020 (МИА) – МИА од денеска ја стартува Агенциската школа за новинарство, на која околу 30 искусни новинари од Агенцијата и други медиуми, новинари почетници, но и студенти по новинарство ќе се обучуваат за покривање на теми поврзани со Европската Унија, политиките на ЕУ, процесот на преговори на земја-кандидат.

-Ова е можност за сите кои сакаат да се занимаваат со новинарство да добијат подлабок увид во она што значи ЕУ, искусните новинари, почетниците, но и студентите по новинарство да се обучат стручно да ги покриваат темите поврзани со Унијата, изјави пред присутните директорот и главен и одговорен уредник на МИА, Драган Антоновски.

Тој на учесниците им посака успешна работа и го потенцира значењето на медиумската писменост за професијата, која ќе се имплементира преку овие обуки, со цел новинарите да се стекнат со вештини во покривањето на теми поврзани со ЕУ.

Проектот за лансирање на МИА Агенциската школа за новинарство е поддржан од УСАИД, а предвидено е тој да се реализира во три фази.

Учесниците на обуката во првата фаза ќе имаат можност да се запознаат со  генералните ЕУ политики и институции поврзани со процесот на пристапување на Северна Македонија. Тренинзите се посветени на историјата на ЕУ, институциите на Унијата и процесите на носење одлуки, искористување на ЕУ фондовите и политиката на ЕУ за соседство и пристапување. Во првата фаза се вклучени тројца обучувачи од кои двајца локални, а еден е меѓународен експерт.

Втората фаза вклучува специфични обуки за пет поглавја од преговорите со ЕУ – Правосудство и фундаментални права, Правда, слобода и безбедност, Животна средина, Јавни набавки, Информатичко општество и медиуми, Образование и култура. Во оваа фаза се вклучени меѓународни експерти-обучувачи.

Третата се состои од практична изработка на стории во три земји-членки на Унијата од регионот, поврзани со пристапувањето на тие земји во Унијата и како сето тоа може да се имплементира кај нас. ац/

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Костова: ДПМНЕ грубо и без грам совест го крши законот за исплата на плати

Петровска: СДСМ бара оставка од Тошковски бидејќи најголемиот пропуст во несреќата во Кочани е во МВР

Синдикатот на културата разочаран од Љутков: Вработените останаа без плата за најголемиот христијански празник