Утрински Весник
Македонија

Стапи во сила уредбата за задолжителна заштитна опрема, опомени до 30 април, потоа казни

Стапи во сила уредбата за задолжителна заштитна опрема, опомени до 30 април, потоа казни

Скопје, 23 април 2020 (МИА) – Стапи во сила уредбата со која е задолжително носењето на заштитна опрема на лицето при излегување од домот. Од Владата информираа дека денеска во Служен весник е објавена уредбата која беше донесена на 45-та владина седница.
Со уредбата секое физичко лице е должно да носи лична заштитна опрема на лицето
при излегување од домот, односно при движење на јавни места и површини од отворен и затворен тип, на пазари, во јавен превоз и при влез во затворени простори кои поради нивната природа на дејност претставуваат место на собирање на повеќе лица како што се државни институции, маркети, продавници, банки, пошти, чекални, здравствени институции и слично.
– Под лична заштитна опрема на лицето со уредбата се подразбира било каква форма на заштита која што ги покрива пределот на носот и устата (респираторна маска ФФП2 или повисок стандард, хируршка маска за еднократна употреба, текстилна маска за повеќекратна употреба, свилена марама или шал, памучна марама или шал, бандана и слично), појаснуваат од Владата.
Заштитна опрема на лицето не се носи ако граѓанинот престојува во двор на семејна куќа, вози велосипед или индивидуално спортува на отворено, се движи на јавни места од отворен тип и има можност да се одржува дозволеното минимално растојание од два метра, како и ако патува во патничко возило со лица со кои заедно живее. Лична заштитна опрема не мора да се носи и во ситуации ако лицето носи посебна заштитна опрема кога извршува работни задачи.
Со уредбата се утврдува и дека сите домашни и странски правни лица се должни да обезбедат носење на лична заштитна опрема на вработените и да забранат влез и движење на посетителите кои нема да носат лична заштитна опрема.
До 30 април во случај на прекршување на одредбите од уредбата ќе се изрекуваат опомени, а потоа ќе се изрекува глоба во износ од 20 евра во денарска противвредност за секое физичко лице и од 2.000 евра за секое правно лице. На одговорното лице во компанијата или претпријатието, ако постапува спротивно на одредбите од уредбата, ќе му биде изречена глоба во износ од 1.000 евра во денарска противвредност.
Надлежни за надзорот се Министерството за внатрешни работи, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Државниот инспекторат за труд и Државниот пазарен инспекторат. бак/ац/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Што може да донесе утрешниот Конгрес на СДСМ?

Во Битола санирани проблемите од вчерашното невреме

На „Блаце“ и „Табановце“ се чека од 30 минути до 60 минути