Утрински Весник
Македонија

Стабилна е безбедносната состојба на подрачјето на општините Дебар и Центар Жупа

Дебрани ги почитуваат мерките за самоизолација

Скопје, 6 април 2020 (МИА) – Стабилна е безбедносната состојба на подрачјето на општините Дебар и Центар Жупа, каде е прогласена кризна состојба. Не се регистрирани собирања на граѓани на јавни места, нема нарушувања на јавниот ред и мир и нема регистрирани сообраќајни незгоди, соопштија од Министерството за внатрешни работи.

Од Министерството информираат дека во Дебар има четири нови лица во самоизолација и извршени се вкупно 68 контроли на овие лица. Непречено се одвива процесот на извлекување на лицата кои во изминативе 14 дена беа во самоизолација, а денеска од Дебар ќе биде извршен спровод на две лица.

– Во општините Дебар и Центар Жупа успешно се спроведуваат мерките за контрола при влез на патнички и други моторни возила, како и активностите за дотурот на храна, лекови, средства за лична хигиена и други потреби за граѓаните во двете општини. Сите правни лица кои вршат дотур треба да се најават во Кризниот штаб на фиксниот телефон 046/831 051 по што, нивните возила со полициска придружба ќе бидат спроведени до соодветните трговски објекти, известија од МВР.

Од Министерството потсетија дека влезот е дозволен само на лица кои се жители на општините, а истовремено е оневозможен, односно строго е забранет излезот на сите граѓани затекнати на подрачјето на двете општини.

– Упатуваме апел до граѓаните, строго да ја почитуваат одлука на Владата за забрана на движењето од 21.00 до 05.00 часот секој ден, а за време на викендите од 16 до 05 часот. Апелираме на совесно и дисциплинирано придржување до сите останати препорачани мерки и насоки во врска со спречувањето на ширењето на коронавирусот, а сите правни и физички лица строго да се придржуваат до насоките на полициските службеници. Граѓаните, на бесплатниот телефонски број 08 0000 201 или на 192, можат да ги пријавуваат сите случаи на лица кои ги прекршуваат одредбите за задолжителна 14-дневна самоизолација. Сите оние кои ги прекршуваат дадените препораки, ќе бидат санкционирани согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик, истакнаа од МВР. см/сп/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

СДСМ утре на Конгрес ќе избира ново раководство

Македонските вина се продаваат во 40 држави во светот, Владата најавува зголемено производство и извоз

Три години од трагедијата во Бугарија во која загинаа 45 македонски државјани