Утрински Весник
Македонија

ССНМ: Постапката на АВМУ против „Телма“ е класичен пример за притисок

Ssnm

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) ja поздравува одлуката на Основниот суд – Скопје 1 со која се констатира дека телевизија „Телма“ не го прекршила изборниот молк, врз основа на прекршочната пријава поднесена од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) .

„Иницираната постапка од АВМУ против ‘Телма’, ССНМ го смета за класичен пример на притисок врз објективното и професионалното информирање. Непријатно сме изненадени што АВМУ препозна кршење на изборниот молк и прикриена кампања во телевизиски прилог што се однесува на застрашувачките размери на епидемијата со Ковид-19“, се наведува во соопштението.

Од ССНМ велат дека пренесување на изјавата на, во моментот, најкомпетентната личност за справување со епидемијата, актуелниот министер за здравство Венко Филипче, никако не може да се смета за политичка или партиска кампања, туку како покривање на прашањата што се од највисок јавен интерес, а тоа е и суштината на професионалното и објективното информирање.

„Примерот на ‘Телма’, кој се појавува како последица на слободното толкување на членовите на изборниот законик што заговараат сериозна рестрикција во правилата на информирање во време на изборниот молк, доволно сериозно укажува дека ваквите законски решенија можат сериозно да ги нарушат приоритетите во јавниот интерес, особено во ситуации на елементарни непогоди и зарази како што е сега случајот со епидемијата на Ковид-19“, велат од Синдикатот.

Во таа насока, додаваат од таму, сметаме дека е крајно време да се размисли за промена на изборниот законик во овој рестриктивен дел, каде што политичката кампања и партиска агитација јасно ќе биде издиференцирана од прашањата од поширок јавен интерес, сѐ со цел граѓаните целосно да бидат информирани, а медиумите и новинарите да бидат заштитени од паушалното и волунтаристичко толкување на законските одредби.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Скопје никако да се спаси од загадувањето, повторно во топ 10 најзагадени градови во светот!

Д-р Јовановски на подкаст ЗРАК: Има различни методи на реконструкција по мастектомија

Кузмановска: Хема – Онко нуди поддршка за лицата заболени од канцер