Утрински Весник
Македонија

ССНМ му пожелува брзо опоравување на Михајловски, новинарите да бидат заштитени

ССНМ бара Владата да обезбеди заштитна опрема за редакциите

Скопје, 11 април 2020 (МИА) – Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) му посакува брзо опоравување на новинарот Гоце Михајловски за кој вчера беше објавено дека е заразен со вирусот Ковид -19 и истовремено апелира новинарите да бидат заштитени.

-По вчерашната објава дека наш колега е заразен со новиот коронавирус, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници уште еднаш апелира до сопствениците на медиуми да ги почитуваат мерките на Министерството за здравство за заштита на вработените на работното место . Бараме редовно дезинфицирање на работните простории во медиумите и да се обезбеди соодветна заштита на сите вработени, а особено на медиумските работници кои известуваат од критични места како што се болници, медицински установи и слично. Истовремено, на нашиот колега Гоце Михајловски му посакуваме побрзо оздравување и враќање на работа, а на неговите колеги кои беа упатени на самоизолација да ги почитуваат препораките на здравствените власти и да го издржат периодот на неизвесност кој е пред нив, соопшти денеска ССНМ.

Со овој пример, укажуваат, уште еднаш се покажа дека по лекарите, припадниците на МВР и на Армијата, пожарникарите, вработените во услужните дејности, новинарите се една од најранливите и најизложените професии во услови на пандемијата на КОВИД-19. Затоа ги повикуваат сопствениците на медиуми, но и самите медиумски професионалци да се прилагодат на новата ситуација и беспоговорно да ги преземаат сите препораки и мерки за заштита на работното место. Апелираат сите медиуми кои досега не го прилагодиле и организирале работењето кон новонастанатата ситуација со КОВИД-19 тоа веднаш да го направат, бидејќи здравјето на луѓето и нивните животи се на прво место, бидејќи со непостапување се доведува во ризик и функционирањето на медиумите, а со тоа и информирањето на граѓаните .

-ССНМ смета дека во вакви услови на работење со висок ризик за медиумските работници најавите на некои медиуми дека ќе ги намалат платите е недозволиво и неприфатливо. Ризикот кој го носат редакциите за непречено функционирање на медиумите и непречено информирање на јавноста не смее да биде казнето со намалување на платите, туку со наградување каде што тоа е возможно .Ги охрабруваме и колегите да пријават до Министерството за здравство доколку не се почитуваат мерките за заштита во нивниот медиум, стои во соопштението.

ССНМ потсетува  дека борбата против оваа пандемија е невозможна без правилно, навремено и професионално известување и информирање на граѓаните, што значи дека медиумите, односно новинарите и медиумските работници се една од клучните алки во системот и затоа овозможувањето на услови за нивна непречена и безбедна работа се од огромно значење за општеството .

Потсетуваат и на клучните препораки и совети за заштита на медиумските професионалци објавени од Меѓународната федерација на новинари:

Сопствениците на медиуми треба да гледаат на епидемијата како на здравствена и безбедносна криза и да ги исполнат своите обврски за грижа спрема нивните вработени;

Новинарите и другите медиумиски работници како и нивните организации треба постојано да ги следат препораките и советите на Светската здравствена организација за заштита од коронавирусот, а кои се достапни на линкот: https://www.who.int/emergencies/diseases/novel-coronavirus-2019/advice-for-public

Во врска со ова, сериозно треба да се земе предвид можноста за работа од дома за да се намали можноста за заразување на работното место;

Новинарите и другите медиумски работници треба да ги бараат своите права на работа во здрави услови и да не одат на работното место кога таму има ризик за заразување со коронавирусот;
Опремата и канцелариите треба постојано да се чистат, особено кога се споделуваат помеѓу вработените;

Новинарите и медиумските работници кои контактираат со луѓе кои страдаат од болеста се советуваат на огромна претпазливост бидејќи со тоа е зголемен ризикот од заразување. Пример за ова е посета на медицински установи;

Се препорачува програмите во студио да преферираат телефонски или видео интервјуа наместо лично присуство на гостите со цел да се ограничи можноста за контакт. За интервјуата на отворено, пак, новинарите треба да користат продолжеток за нивните микрофони за да се придржуваат до препораките за дистанца и за да се заштитат од заразување.лв/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Ана Котевска освои златна медала на интеранационалната Олимпијада по германски јазик

Влен почнува со формирање на Академија на Албанците за Наука и Уметност

ВМРО ДПМНЕ: Кога следен пат од СДС ќе зборат за наводни криминалци прво нека си заметат во својот двор