Сојузот на синдикати на Македонија потсетува дека минималната плата е зголемена и од јули таа изнесува 14.934 денари. Во неа не се вклучени, туку дополнително се пресметуваат додатоците и надоместоците на плата.
„Важно е денес на последниот ден од месец јули да ги потсетиме работодавачите дека треба по новата утврдена минимална плата да се пресметуваат платите. Не смееме да дозволиме повторно да не изиграат како со субвенциите за платите“, вели Дарко Димовски, претседател на Сојузот на синдикати на Македонија.
Од Синдикатот нагласуваат дека праксата од страна на несовесните работодавачи да ги вклучуваат во минималната плата надоместоците и додатоците мора веднаш да запре.
„Подучени од нечесните игри од некои несовесни и алчни работодавачи, бараме надлежните инспекциски органи веднаш да ги казнуваат сите несовесни и алчни работодавачи, очигледно само на тој начин може да се воспостави ред и почитување на законите, а истовремено и јавно да ги објавуваат нивните имиња се со цел работниците да бидат информирани. За сите оние газди за кои нема да бидат преземени соодветни мерки и ќе бидат скриени од надлежните институции, како за исплатата на минималната плата така и за исплатата на финансиската поддршка од Државата, по пријава на работниците, ССМ ќе поднесе Кривични пријави по член 166 од Кривичниот законик против секој еден алчен газда, во името на работниците поради тоа што името и презимето на секој еден работник кој ќе се обрати до ССМ е Сојуз на синдикатите на Македонија“, велат од ССМ.
Од таму посочуваат дека зголемувањето на минималната плата треба да биде основа за скалесто зголемување на сите плати на работниците, што може многу лесно да се случи преку почитување на колективните договори.
Минималната плата пред јули беше 14.500 денари.