Штип, 3 март 2020 (МИА) – На протест денеска излегоа средношколци од општините кои гравитираат околу Штип, но и од штипските села и населби, кои се оддалечени над два и пол километри, бидејќи останаа без бесплатниот училиштен превоз од нивните домови до училиштата.
Ученичкиот правобранител Евгенија Атанасова вели дека сега се принудени да се превезуваат со редовните автобуски линии меѓу градовите, а крајната точка им е автобуската станица. Учениците велат дека нивните родители се принудени на дополнителни трошоци, бидејќи за да пристигнат навреме на првиот час мора да плаќаат и такси од автобуската до училиштето. Бараат да им се врати посебниот ученички превоз, со кој досега патувале, а во спротивно најавија дека ќе ја бојкотираат наставата.
Ангела Ѓорѓиевска од Пробиштип забележа дека некои ученици се принудени да пешачат и од три до пет километри до автобуските станици.
– Мора да станеме во 4.30 часот за да дојдеме до автобуската станица. Ова ние навистина не можеме да го издржиме, а кога сме втора смена некои ученици се враќаат и во 22 часот дома, вели Ѓоргиевска.
Баже Костадинов превозник од Радовиш вели дека над десет години ги превезува учениците од селата и од градот Радовиш до средните регионални училишта во Штип. Превозниците вината не ја гледаат во Општината и градоначалникот, Благој Бочварски, туку во Министерството за транспорт и врски, кое во септември 2018 година ги донело законските измени, во интерес на, како што вели, одредена група на превозници, кои го имаат монополот. Превозниците бараат средба со ресорниот министер.
Билјана Казанџиска од Општина Штип со став дека како локална власт мора да го почитуваат законот. Распишале тендер за да им се излезе во пресрет на учениците, но од Бирото за јавни набавки им било посочено дека мора да го почитуваат законот.
Инаку, во разговор со новите превозници договорено е средношколците кои се во средното медицинско училиште да се оставаат на постојката кај основното училиште „Ванчо Прќе“, а се земаат од постојката кај Центарот за култура, додека учениците од средното електро-машинско училиште ќе се оставаат на постојката кај училиштето. вдј/сп/