Куманово, 17 февруари 2020 (МИА) – Кумановското средно училиште „Киро Бурназ“ доби стручна опрема во рамки на проектот на Министерството за образование и наука за набавка на стручна опрема за средните училишта во секторот земјоделство, рибарство и ветеринарство, соопштија денеска надлежните од училиштето.
-Нашето училиште минатата година уште во мај почна со прием на опрема која е донација од Министерството за образование и наука, во рамки на проектот Скилс, финансиран од Европската унија. Проектот се однесува за опремување на училишта од земјоделско-ветеринарна струка со механизација и машини кои се корисни во земјоделството. Тоа е еден дел од проектот, другиот дел е снабдување на училишта со ИКТ опрема, во рамки на овој проект ние добивме трактор, приклучни машини, мотокултиватор, сушара за овошје, метеролошка станица, добивме и смарт табла, 20 компјутери добивме лаптоп. Имаме еден проект во износ од 50.000 евра, изјави директорката на училиштето, Весна Трајковска.
Опремата е исклучиво наменета за учениците од земјоделско-ветеринраната струка, додека ИКТ опремата е наменета за учениците од останатите профили.
-Добивме и комплет инструменти кои се користат во хирургија при ветеринарството. Тоа е убава донација досега немаме такво нешто добиено. Навистина сме задоволни, ова е за прв пат да добиеме нешто што не сме го барале, а некој се сетил на нас и не снабдил со таа опрема. Професорите се обучени, ова е опрема која сите ја користат при практичната настава. Ние и пред да го добиеме овој трактор имавме наша механизација која ја користевме. Ова се разбира е голема работа, затоа што е ново, современо, сите се подготвени и може да ја користат, веќе еден дел од неа е ставен во функција, додаде Трајковска.
Во училиштето настава следат 475 на македонски и 54 ученици на албански наставен јазик во повеќе стручни профили агротехничар, техничар за агроменаџмент, техничар по ветеринарна медицина, техничар за фитофармација, градинар, цвеќар од земјоделско ветеринарната струка. Во училиштето има и прехранбена, хемиско-технолошка и машинска струка со повеќе профили. ам/рп/