Утрински Весник
Македонија

Средните училишта добија научни постери за загрозениот биодиверзитет

Средните училишта добија научни постери за загрозениот биодиверзитет

Скопје, 12 февруари 2020 (МИА) – Деведесет средни училишта во земјава добија научни постери за влијанието на климатските промени врз биолошката разновидност во земјава, кои Институтот за комуникациски студии (ИКС) во соработка со ЗЕЛС ги изработи и подели во рамките на кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“.
-Постерите се изработени на македонски и на албански јазик и ги илустрираат негативните проценки за биодиверзитетот во Македонија. Наменети се како учебни помагала за наставниците и средношколците, пред се по предметот биологија, но и за другите еколошки активности на училиштата, соопштија од Институтот за комуникациски студии.
Целта на постерите е средношколците, кои во иднина ќе одлучуваат за државните политики, да бидат едуцирани за последиците од климатските промени во земјата и да постапуваат правилно во врска со прашањата од животната средина.

Во земјава се идентификувани 224 животински и 58 растителни видови кои не можат да се адаптираат на повисоките температури, почестите суши и екстремните временски настани, се предупредува во Третиот национален план за климатски промени на Министерството за животна средина.

Зголемувањето на температурата влијае врз репродукцијата и миграцијата на растенијата и животните, врз должината на сезоната на растот на културите, како и врз појавите на болести и штетници. Затоа, во наредните децении, се очекува преместување и исчезнување на некои видови растенија и животни и нивните живеалишта.

Проценките се дека ако не се преземат мерки за подобрување на наводнувањето, приносот на грозјето во Повардарието и на јаболката во Ресен ќе се преполови до 2050 година и ќе се намали до речиси 60 проценти до 2100 година.

Како што стои во соопштението од Институтот за комуникациски студии, поради зголемување на температурата, до 2050 година се прогнозира големо намалување на распространетоста на цвијичевата качунка – планинско цвеќе кое расте единствено на Галичица, а до 2100 година џуџестиот бор на планините Јакупица и Шар Планина може целосно да исчезне.

Истражувачите посочуваат дека губењето на биолошката разновидност само по себе ќе ги забрза климатските промени. Според нив, негативните ефекти врз биодиверзитетот ќе се ублажат со поодржливо користење на земјиштето, подобро управување со заштитените подрачја и водите, како и со употреба на обновливи извори на енергија.

Кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“ се реализира со поддршка на Британската амбасада во Скопје. сст/скс/

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

ССМ: Владата да обезбеди пари за повисоки плати

Над 400 апликации на специјализанти за вработување во јавното здравство, денеска е последен ден за пријавување

Нова сезона РеТрн Дуо: Тони Зен и Марко Слаткар за рапот и за љубовта