Утрински Весник
Македонија

Средба на дел од православните цркви во Аман: Прашањето за МПЦ да се реши преку дијалог со СПЦ

Средба на дел од православните цркви во Аман: Прашањето за МПЦ да се реши преку дијалог со СПЦ

Аман, 27 февруари 2020 (МИА) – Прашањето што се однесува до црквата во Северна Македонија треба да биде решено преку дијалог во рамки на Српската православна црква и со сеправославна поддршка, заклучија учесниците на средбата на високи претставници на неколку православни цркви што вчера се одржа во јорданскиот главен град Аман.

На средбата одржана на иницијатива на ерусалимскиот патријарх Теофил Трети, покрај домаќинот, учествуваа и поглаварите на Руската православна црква, патријархот Кирил, на Српската православна црква, патријархот Иринеј, на Полската православна црква архиепископот Авел и на Православната црква на Чешка и Словачка, архиепископот Ростислав, како и претставникот на Романската православна црква, митрополитот Нифон.

Цел на средбата, како што се наведува во заедничкото соопштение, било „зајакнување на братските врски меѓу сестринските цркви, поддршка на единството на православните цркви и обнова на дијалогот со молитвена надеж за постигнување помирување таму каде што има раздор“, при што учесниците изразуваат „вознемиреност поради опасноста од шизма во православната заедница“.

– Во атмосфера на братска љубов, учесниците на средбата се согласија дека решавањето на прашањата од сеправославно значење, вклучително и доделувањето автокефалноста на одредени цркви, треба да се одвива во духот на сеправославниот дијалог и единство, како и со православен консензус, се наведува во документот.

Покрај за прашањето на МПЦ-ОА, на средбата станало збор и за случувањата во Црна Гора, при што учесниците упатиле апел до црногорските власти „да го почитуваат и поддржат основното право на сопственост врз имотот, вклучително и тој на црквата“.

Во врска со прашањето околу црквата во Украина, верските лидери оценија дека „е неопходен сеправославен дијалог за зајакнување и помирување“.

– Делегациите се согласија повторно да се соберат како браќа, по можност пред крајот на оваа година, за да ги зајакнат врските на заедницата преку молитва и дијалог. Учесниците се надеваат дека неговата светост вселенскиот патријарх Вартоломеј, со старешинството според честа, ќе се придружи на овој дијалог со своите собраќа-поглавари, се истакнува во заклучоците од средбата во Аман.

Ерусалимскиот патријарх Теофил Трети на средбата во Аман ги покани и вселенскиот патријарх Вартоломеј и останатите помесни православни цркви. Но, Вартоломеј веднаш ја одби поканата со образложение дека само тој има право да свикува сеправославни собири.

Ваквиот став на патријархот Вартоломеј веднаш го поддржаа Грчката, Кипарската и Албанската православна црква, како и Александриската патријаршија. Бугарската и Грузиската православна црква и Антиохиската патријаршија првично ја прифатија поканата, но подоцна се откажаа од учество на средбата во Аман. сп/са/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Заплена на нелегални дрва, приведен и вработен од „Македонски шуми“

Што може да донесе утрешниот Конгрес на СДСМ?

Во Битола санирани проблемите од вчерашното невреме