Скопје, 13 февруари 2020 (МИА) – Францускиот амбасадор Кристијан Тимоние на денешната средба со директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов се интересирал за соработката на француските компании со ЈП за државни патишта и нивното учество во проекти кои веќе се во фаза на реализација потсетувајќи дека точно пред една година имале веќе една средба на која се разговарало за учество на француските компании во државава.
Китанов информирал дека ЈП за државни патишта има веќе остварено соработка со неколку француски фирми кои работат во доменот на градежништвото, како што се Ежис, Суез, Фросинет, Сaфеж и др. Дел од нив во моментов се ангажирани како надзор и како консултанти. Амбасадорот Тимоние изразил надеж дека практиките на добра соработка помеѓу француските компании и ЈП за државни патишта ќе продолжи и во иднина со иста таква успешност како и до сега.
Китанов, како што соопшти Јавното претпријатие за државни патишта, потенцирал дека секоја фирма што ќе понуди најдобри услови за соработка е добредојдена бидејќи годинава се планира отпочнување на рехабилитација на повеќе патишта, посочувајќи дека нема да застанат на 783-те км рехабилитација остварени само последниве две години кои се речиси двојно поголеми од рехабилитираните патишта за време од десетина години претходно. Неговата цел како директор, како што вели, е до крајот на 2020 година да се надмине цифрата од над 1200 км рехабилитирани патишта.
-При тоа, ќе се води исклучително сметка за квалитетот на градбата која ќе биде според сите европски стандарди. Секако, во план се и новоградбите на патишта и мостови кои ќе следуваат во наредниов период, додава Китанов. дма/са/