Утрински Весник
Македонија

Спасовски: Сега е приоритет здравјето, по кризата разговори за политичките прашања

Спасовски: Сега е приоритет здравјето, по кризата разговори за политичките прашања

Скопје, 25 април 2020 (МИА) – Не знаеме колку ќе трае оваа здравствена и економска криза и какви одлуки ќе бара да се носат. Затоа, логично е и политички одговорно да се поставиме соодветно и да овозможиме функционалност на Парламентот, доколку се покаже потребно. Очекувам сите политички субјекти да бидат на висина на одговорноста и да носат одлуки во интерес на државата и на граѓаните, а не да се водат од партиски калкулации. Ние сме целосно демократска власт, а во демократија е нормално Владата да биде контролирана од Парламентот и ние немаме проблем со тоа, вели премиерот Оливер Спасовски.

Во интервју за „Фактор“, Спасовски истакнува дека СДСМ и пред кризата, но и денес е подготвена за избори. Но, во овој момент приоритет број еден е здравјето на граѓаните и совладувањето на здравствената криза. Сите сили сега се насочени кон справувањето со коронавирусот.

На прашањето кога според него би се издржале изборите, премиерот одговара дека најпрво сака скорешна стабилизација на здравствената ситуација, а штом се случи тоа ќе може да се разговара за сите други политички процеси во државата.

-СДСМ беше подготвена за избори и пред здравствената криза, подготвена е и денес, како што претседателот на СДСМ Зоран Заев знем дека е подготвен и во полна форма, заедно со сите нас да го добие новиот мандат за формирање на новата Влада. Сега сме фокусирани на јавното здравје, а здравје, ќе има прилика па ќе зборуваме и за новата Влада што сум уверен дека повторно СДСМ и коалицијата ќе добијат чест да ја водат, наведува Спасовски.

Тој нагласува и дека останува во самоизолација до истекот на 14-те денови иако резултатите од направениот корона-тест му се негативни.

Според премиерот, се прави план за повторно отворање на економијата по сектори, како и дека почнува и враќањето на животот во нормала, но тоа, вели, ќе оди постепено. Воедно демантира дека олабавувањето на полицискиот час е направено поради верскиот празник Рамазан.

По први мај, напоменува, ќе има појасна слика за условите за функционирање на училиштата и градинките, додека отворањето на угостителските објекти може да се очекува најверојатно во втората половина на идниот месец.

Спасовски во интервјуто за „Фактор“ тврди дека со градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски има принципиелни професионални односи, а во врска со прес конференцијата повторува дека се констатирани пропусти на некои процедури и тој наод е пратен во МВР. Дополнува и дека тој и претставниците на Владата не биле информирани дека Димитриевски и други членови на Кризниот штаб, се тестирале за коронавирусот. мч/мд/

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Переле пари и приредувале игри на среќа без лиценца: Кривична за сопружници од Штип, нивната ќерка и за уште едно лице

Георгиевски: Никогаш не сме биле толку блиску до ЕУ, треба да направиме само еден безболен чекор

Дурмиши: Пониски цени на над 600 производи за Нова Година