во обраќањето на пленарната сесија на видеоконференцијата на Самитот на ЕУ за Западен Балкан – Загреб 2020.
-Високо го цениме и обезбедениот пристап без преседан до останатите ЕУ механизми и инструменти како и заедничките напори безбедно да ги вратиме нашите затекнати граѓани дома. Благодарни сме што на овој начин ЕУ ги третира нашите држави како да сме речиси дел од Унијата. Тоа ни дава чувство на сигурност дека заедно ќе се справиме со товарот на кризата. КОВИД-19 заразата несомнено ќе продолжи да ја тестира нашата одлучност и сега најважно е да ги фокусираме напорите за опоравување и надминување на економско социјалните последици кои се длабоки во сите наши земји, рече македонскиот премиер.
За најавениот Економски и Инвестициски план за Западен Балкан од страна на Европската комисија кој се планира да биде објавен наесен Спасовски истакна дека ќе биде од голема важност за поддршка на развојот на приватниот сектор, транспортното и енергетско поврзување, дигитализацијата, зелената агенда и социјалните инвестиции во регионот на Западен Балкан.
Во обраќањето тој издвои неколку проекти кои делумно веќе се планираат или спроведуваат: Проекти за транспортно поврзување со нашите соседи и тоа во железничкиот сообраќај со Бугарија и Албанија и автопатниот сообраќај со Косово; Енергетскиот гасен интерконектор со Грција; Развој на дигиталната економија и на зелениот раст и Поттик на трговијата и туризмот во регионот на Западен Балкан.
-Северна Македонија оваа година заедно со Бугарија заеднички претседава со Берлинскиот процес. Еден од нашите приоритети е продлабочување на инклузивната регионална економска интеграција и развивање заеднички регионален пазар врз основа на ЕУ законодавството и почитувајќи ги ЕУ заложбите кои ќе можат да го направат регионот поатрактивна инвестициска зона. Во таа насока, заедно со Регионалниот совет за соработка и Европската Комисија на Самитот во Софија наесен планираме да претставиме документ за натамошно развивање на регионалната економска интеграција, соопшти Спасовски.
Во име на Северна Македонија, додаде премиерот, би сакал да потврдам дека се придружуваме кон Загрепската декларација и би сакал да ја искористам можноста да му се заблагодарам на Хрватското претседателство и на земјите членки што ја отворија вратата за редовен политички дијалог на највисоко ниво со Западен Балкан.