Меѓу позначајните проекти, посочени се системот за гранично управување на преминот Табановце – Прешево, по принципот One Stop Shop, од голема полза за граѓаните на двете земји, за економиите и туризмот, потпишаната спогодба за отворање заеднички граничен премин Лојане – Миратовац, одличната соработка на кризните штабови на двете држави, во услови на светската здравствена криза.
Амбасадорката Дивјак Томиќ, како што информира владината прес-служба, изразила очекување дека Република Северна Македонија ќе продолжи по интеграцискиот пат, со реализација на европските аспирации, што ќе биде влог на нашата држава во стабилноста внатре во земјава и за регионот.
-Пред нас се шанси за уште поголемо унапредување на билатералната соработка, но и за унапредување на соработката меѓу државите во целиот регион, низ решавање на сите прашања во интерес на земјите и на целиот регион, што овозможува стабилност и просперитет за сите, истакнал премиерот Спасовски.
На средбата е заеднички оценето дека економската размена меѓу двете држави е исто така во развој и дека постојат уште можности за унапредување на соработката на економски план.
Спасовски и Дивјак Томиќ разговараа и за светската здравствена криза и за потребата од функционирање во секојдневниот живот низ совесно и одговорно однесување на сите, со цел заштита на јавното здравје и на економиите.