Штип, 8 мај 2020 (МИА) – Премиерот Оливер Спасовски, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, директорот на АД за станбен и деловен простор Кристијан Трајковски и градоначалникот на Општина Пробиштип Драган Анастасов денеска извршија увид во изградба на станбена зграда во Пробиштип, наменета за социјално ранливите категории на граѓани.
Спасовски оцени дека и во овие услови, реализацијата на капиталните инвестиции не запреа. Голем дел од проектите се во тек, а градежните работи се одвиваат непречено. Забележа дека и во овие услови, со неопходните мерки за лична заштита на работниците, интензивно се работи на патиштата, на водоводи и канализации и се гради гасоводот.
– Во полн ек е изградбата на социјални станови, кои во делот на градежништвото се значаен сегмент од капиталните проекти. Денеска направивме увид во градежните работи на зградата со станови наменети за нашите сограѓани во социјален ризик. Ова е прв таков објект во Пробиштип во кој свој траен дом ќе најдат 48 семејства од социјално ранливите категории граѓани. Изградбата започна во јуни 2019 година, и денеска добивме уверување дека ќе биде завршена според предвидениот план, односно во јануари 2021 година, рече Спасовски.
Во моментов, социјални згради се градат уште на четири локации низ државата, и тоа во скопската општина Бутел, објект со 312 станови, во Неготино зграда со 62 станови, во Свети Николе се градат станови за 48 станови, и во Виница зграда со 36 станови.
-Оваа градежна иницијатива е резултат на интензивното спроведување на утврдените мерки и политики за подобрување на социјалната положба на ранливите категории. Презедовме и ја реализираме обврската да создаваме услови сите овие лица да добијат кров над глава, сигурност и подобри услови за живот, рече Спасовски.
Колку за споредба, потсети тој, во периодот од 2011 до 2017 година, односно за шест години, биле изградени 678 стана, а во периодот од 2017 до 2020 година, или за три години се изградени и се во тек на изградба 897 станови.
Директорот на АД за станбен и деловен простор Трајковски рече дека планирано е отпочнување на уште осум вакви објекти во исто толку градови во земјата, од кои повеќето ќе добијат за прв пат згради со социјални станови. Овие инвестиции продолжуваат и во буџетот нема кратење на средства за нив.
-Интензивно работиме на сите овие процеси, кои што зависат од нас. Очекувам до крајот на шести и почетокот на седми месец, во период од две години да отвориме 13 градилишта за социјални згради, за социјалните семејства. Во преговори сме со Европска банка за уште неколку проекти, коишто ќе продолжат во насока, односно размислување за изградба на згради за други социјално ранливи категории да помогнеме на сите оние лица, на коишто им е потребно решавање на станбеното прашање, рече Трајковски.
Министерот за транспорт и врски Сугарески денеска во Пробиштип истакна дека сите проекти продолжуваат и во делот на патната инфраструктура, гасоводната мрежа и во делот на водоводот и канализација, а во тек е целосна реконструкција на регионалниот пат од Пробиштип до село Крупиште, како и изградбата на првата делница од експресниот пат од Штип до Кочани.
Градоначалникот на Општина Пробиштип, Драган Анастасов посочи дека изградбата на социјалната зграда е капитален проект за граѓаните, бидејќи се решава еден голем проблем за 48 семејства, а во период два и пол години инвестиции во општината се највисоки од страна на Владата. вдј/ев/