Спасовски, заедно со премиерите на Србија Ана Брнабиќ и на Албанија Еди Рама, со претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина Зоран Тегелтија, како и со премиерите на Косово Албин Курти и на Црна Гора Душко Марковиќ, учествуваше на панелот на кој шефовите на влади на земјите од Западен Балкан ги презентираа нивните погледи за приоритетите на регионалните проекти за кои се очекува поддршка од ЕБОР и од другите финансиски институции и фондови на ЕУ.
-Премиерот Спасовски за време на сесијата прашања и одговори за Северна Македонија од пакетот проекти од регионално значење ги издвои инфраструктурните проекти како што е изградбата на патната и железничката инфраструктура на Коридорот 8, изградбата на автопатот Скопје-Блаце, од западно-источниот медитерански коридор, заедничката гранична контрола на железничкиот правец Белград-Скопје-Солун, вклучително со изградениот заедничкиот граничен премин Табановце – Прешево и заедничко управување на граничните и царински контроли со едно застанување – One-stop-shop, соопшти владината прес-служба.
Тој ја посочил и интерконекцијата за гасно поврзување меѓу Северна Македонија и Грција, со која, како што рекол, ќе се овозможи изградба на околу 120 километри гасоводна мрежа, (околу шеесет километри на македонска и шеесет километри на грчка страна), што претставува иницијатива за развој на нови гасни коридори во Југоисточна Европа.
-Наша стратешка цел останува членството на Северна Македонија во ЕУ. Главните напори на Владата се насочени кон исполнување на таа цел, особено донесување на одлука за почеток на пристапните преговори. Во таа насока ја прифативме максимално ангажирано регионалната соработка како предуслов за интеграцијата во ЕУ, потенцирал премиерот Спасовски на панелот на прашања и одговори со лидерите на Западен Балкан на Самитот во Лондон во организација на ЕБОР.
Спасовски додал дека земјава ја прифатила и силно се залага за максимална инклузивност во иницијативата за зајакнување на регионалната соработка и досега многу ангажирано учествуваше на регионалните самити на земјите од Западен Балкан во Нови Сад, Охрид и Тирана.
-Како признание за лидерските иницијативи на Северна Македонија, на нашата земја ѝ е дадено ко-претседавањето на Берлинскиот процес за регионална соработка, заедно со Бугарија. Нашата земја е прва надвор од ЕУ на која и е дадена таа привилегија, и на неа гледаме како на можност за дополнително зацврстување на регионалната соработка и поттик за регионалните проекти за поврзување, истакна претседателот на Владата на Северна Македонија.
Во завршницата на панелот на шефови на влади на земјите од Западен Балкан, премиерот Спасовски на прашањето зошто странските компании да инвестираат во Северна Македонија, истакна дека нашата земја е пред формализирање на членството во НАТО, што е гаранција за стабилност и сигурност за инвестициите, нагласил премиерот Спасовски.
Според него, очекуваниот почеток на преговорите со ЕУ ја прави Северна Македонија дополнителна посакувана дестинација за инвестирање, вклучително со можностите од долгорочната Програма за економски раст на Владата, која предвидува голем број олеснувања и придобивки за странските инвеститори.
Како аргумент за атрактивноста на Република Северна Македонија за странските инвеститори премиерот Спасовски ја истакна рекордната вредност на странските вложувања од 740 милиони евра за само две години во мандатот на Владата на СДСМ и коалицијата, како и листата на инвеститори меѓу кои се многу познати и референтни глобални компании од Европа и САД.
Во владината делегација што ја предводи премиерот Спасовски се и министерката за финансии Нина Ангеловска и министерот за економија Крешник Бектеши. сст/дма/