Скопје, 30 април 2020 (МИА) – Владата и синдикалните организации дефинираа предлози кои се добра основа за решение за спроведување на финансиската поддршка за платите на работниците и за зачувување на работните места, објави денеска на Фејсбук премиерот Оливер Спасовски.
– Денеска остварив конструктивна средба со претставниците на синдикатите и граѓанските организации за заштита на правата на работниците, на која се разговараше за уредбата за владината финансиска поддршка за исплата на платите на работниците и за спас на работните места и се постигна заедничка согласност дека во иднина ќе продолжи и ќе се интензивира економско социјалниот дијалог со сите партнери во врска со следни одлуки поврзани со спречување на економските последици од кризата, наведе Спасовски во објавата на Фејсбук.
Владата, претходно соопшти дека заедно со синдикалните организации дефинирале предлози кои се добра основа за решение за спроведување на финансиската поддршка за платите на работниците и за зачувување на работните места.
Како што беше наведено во соопштението од Владата, на состанокот со кој претседавал премиерот, Оливер Спасовски и на кој заедно со заменичката претседателка во Владата задолжена за економските ресори, Мила Царовска, со министерката за финансии, Нина Ангеловска, министерот за економија, Крешник Бектеши, заменик министерот за труд и социјална политика, Ѓонул Бајрактар и дополнителната заменичка министерка за труд и социјална политика, Санела Шкријељ, оствариле дијалог со претставниците на синдикатите и граѓанските организации за заштита на правата на работниците на кој се разговараше за уредбата за владината финансиска поддршка за исплата на платите на работниците и за спас на работните места.
– На состанокот, на кој се разговараше конструктивно со цел да се надминат разликите кои предизвикаа недоразбирање, заеднички е констатирано дека се дефинирани предлози кои се добра основа за решение во насока на заштита на работните места, отстранување на можностите за отпуштање на работниците во услови на здравствено-економската криза од коронавирусот, а во исто време решение кое ќе биде стимул за компаниите да ја искористат државната помош, посочија од Влада.
На конструктивната средба, како што се истакнува во соопштението, постигната е заедничка согласност дека во иднина ќе продолжи и ќе се интензивира економско социјалниот дијалог со сите партнери во врска со следни одлуки поврзани со спречување на економските последици од кризата.
Владините и граѓанските претставници се заложиле за решавање на отворените прашања во најбрз можен рок, со цел спроведување на мерката за заштита на работните места и за редовна плата во услови на криза. сп/