Преку „тунели за дезинфекција“, компанијата „Универзал“ од Гостивар сака да помогне во намалувањето на брзото пренесување на корона вирусот. Првично, ваков тунел беше поставен на влезот на Општина Гостивар, но сега барањата стануваат сé поголеми, а доаѓаат дури и од други земји, јавува „Порталб.мк“.
Ваквиот хигиенски коридор се поставува првенствено на влезот на објекти во коишто има голем број посетители, при што истиот автоматски се активира кога луѓето се движат и целосно ја дезинфицира површината на телото на граѓаните кои минуваат низ него.
Компанијата „Универзал“, која што го произведува овој тунел, главно се занимава со производство на хотелски и медицински производи од нерѓосувачки челик. Менаџерот на компанијата, Ерзен Несими вели дека преку овие тунели има намера да придонесе барем за ублажување на кривата на заразени лица од корона вирусот во земјава.
– Веднаш по прогласувањето на вонредна состојба, размислувавме за оваа идеја, првично поставивме еден тунел на влезот на Општина Гостивар, но сега барањата се многу поголеми, имавме многу повици, особено од приватните бизниси. Побарувања за вакви тунели имаме и од Турција и Унгарија – вели Несими.