Скопје, 4 мај 2020 (МИА) – За стратегија за годишните одмори и патувања во време на пандемијата во летните месеци ќе се зборува откако ќе има координација со соседните земји, рече министерот за здравство Венко Филипче одговарајќи на прашање дали има препораки до граѓаните каде да летуваат, со кои превозни средства и дали се водите безбедни за капење.
Соопшти дека се координира и разменува информации за активности со министри од соседните земји и треба, рече, да направат заедничка конференција.
-Има сè уште многу отворени прашања. Како што ме информираше грчкиот колега, тие планираат отворање на границите во јуни. Сè уште ништо во мај. Но мислам дека многу ќе постигнеме со овој заеднички состанок и координација поради тоа што може да донесеме некакви мерки коишто ќе ги почитуваат сите граѓани, од сите околни земји, ако патуваат било каде. Сметам дека само тоа може да биде една успешна приказна. Зашто непочитување на мерките, не само кај нас, туку и во која било друга земја, е загрозување на јавното здравје – дома или таму во странство, истакна Филипче.
Во однос на Словенија, која им препорачала на своите граѓани да патуваат со автомобили до блиски дестинации и да не користат авиони и бродиви, министерот смета дека има логика во тоа, но се поставува прашање, рече, дали и странците би ги почитувале тие препораки.
За утре е закажан состанок на Светската здравствена организација за нашиот регион, а и на самит на ЕУ во среда, исто така, на агендата е дискусија за т.н. излезна стратегија од КОВИД-19.
-Една од темите на двата состанока, утре и задутре, ќе биде како ќе се координира отворањето на границите и кои мерки ќе ги преземе секоја од земјите. Затоа што нема да можеме, не само ние, туку која било земја, да има успешна национална стратегија ако во одреден момент без контрола се пуштат патници од странство. И затоа е секоја земја свесна и затоа се овие координативни состаноци, истакна министерот Филипче.
Во однос на отворање на базените, одговори дека како и за сите други спортски објекти, работата и организацијата на тренинзите и натпреварите е предмет на мерките што ќе ги официјализираат до крајот на оваа недела. За сугестиите од некои пливачки клубови дека хлорот во водата не влијае на ширење на вирусот, Филипче одговори дека проблем може да предизвика самото собирање на луѓето и користење на соблекувалните во базените.
Филипче посочи и дека според историски податоци за сите други респираторни вируси кои се појавувале, експертите и за овој респираторен вирус очекуваат дека во летните месеци ќе се префрли во Јужната хемисфера. Повторно постои ризик, за кој не може да се предвиди со колкав интензитет, рече тој, да се врати наесен на Северната хемисфера. хс/са/