Утрински Весник
Македонија

Со пригодна државна програма утре се чествува 2 Август

Со пригодна државна програма утре се чествува 2 Август

Граѓаните утре ќе го празнуваат 2 Август – Денот на Републиката. Ден со кој на Илинден во 1903 година – со Илинденското востание и Крушевската република, а потоа и на вториот Илинден, во 1944 година со АСНОМ – Првото заседание на Антифашистичкото Собрание на Народното ослободување на Македонија, беа поставени столбовите на Републиката и на државноста.

Годинешното одбележување на најголемиот државен празник се совпаѓа со значајните годишнини: 30 години од независноста и 20 годишнината од Охридскиот рамковен договор. Одбележувањето на празникот ќе започне со настаните во Скопје, во организација на Собранието со почеток во 09:00 часот.

Собраниската делегација, која ќе ја предводи претседателот на Собранието Талат Џафери ќе положи цвеќе на спомениците на Методија Андонов Ченто, на президиумот на АСНОМ и на Никола Карев.

Програмата во Скопје потоа продолжува со обраќање на претседателот на Собранието и со празнична културно-уметничка програма.

Владината делегација во Скопје ја предводи министерот за здравство Венко Филипче, заедно со министерката за образование и наука Мила Царовска и заменик-министерот за правда Агим Нухиу.

Државната празнична програма продолжува пред Меморијалниот центар АСНОМ, во Пелинце, во чест на Првото заседание на Антифашистичкото Собрание на Народното ослободување на Македонија-АСНОМ со почеток во 09:45 часот.

Делегацијата ќе ја предводи претседателот на Влада Зоран Заев, придружуван од првиот заменик-претседател во Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, заменик-претседателот за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

Програмските содржини во Пелинце започнуваат со положување на свежо цвеќе на споменикот пред Меморијалниот центар, по што ќе започне првиот дел од пригодната празнична културно-уметничка програма.

Потоа следува обраќање на претседателот Владата Зоран Заев и завршниот дел од културно-уметничката програма.

Државните почести по повод Денот на Републиката во Крушево, во организација на Претседателот Стево Пендаровски започнуваат со панихида во храм Св.Никола, во 10:20 часот, по што ќе следува полагање на свежо цвеќе на гробот на Никола Карев, празнична програма пред споменичниот комплекс Македониум и полагање на свежо цвеќе на споменикот на хероите на Слива.

Владината делегација во овој дел од програмата ја сочинуваат министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, министерот за локална самоуправа Горан Милески, и заменик-министерот за образование и наука Арафат Шабани.

Централниот дел од државната програма за чествување на 2 Август – Денот на Републиката ќе започне во 18:00 часот на Мечкин Камен со поздрав на илинденската коњаница проследена со костимирана придружба, поздрав на Армијата и со полагање на цвеќе и венци на споменикот на Мечкин Камен, по што ќе следува празничната културно-уметничка програма посветена на двата Илиндена.

Владината делегација за централниот дел од настанот ќе ја предводи премиерот Зоран Заев, придружуван од првиот заменик-претседател во Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, заменик-претседателот за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Програмата за одбележување на Денот на Републиката и оваа година го опфаќа и традиционалното чествување на Илинден во Смилево во организација на Општина Демир Хисар.

Програмските содржини во Смилево почнуваат со положување цвеќе на могилата Даме Груев, споменикот на Смилевските илинденци и спомен плочата на Смилевскиот партизански одред во 09:00 часот, по што следува посета на Меморијалниот музеј и положување цвеќе на споменикот на Даме Груев.

Делегацијата на Владата во Смилево ја предводи заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски и заменик-министерката за животна средина и просторно планирање Христина Оџаклиеска.

Можете да прочитате

Дали поради Христовски ќе се скараат Апасиев и носителот на Левица во ИЕ6?

Амбасадата на Србија најостро го осуди нападот на нејзиниот Конзулат во Куманово

ОЈО бара притвор за три лица за предизвикување меѓунационална омраза за вчерашните инциденти со македонското знаме