Утрински Весник
Свет

Со одлука на Ердоган уште една црква претворeна во џамија

Со одлука на Ердоган уште една црква претворeна во џамија

Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, издаде декрет за претворање на црквата „Хора“, една од најпознатите византиски градби во Истанбул, во џамија. Ердоган го стори тоа само еден месец откако познатата „Аја Софија“ стана место за муслиманските верници.

Во средновековната црква на Светиот Спасител во Хора, изградена во близина на античките градски sидови на Цариград, се наоѓаат византиски мозаици од 14 век и фрески што прикажуваат сцени од библиски приказни, пишува „Ројтерс“.

Тие биле покриени кога Османлиите го освоиле градот во 1453 година, но се повторно откриени кога слично како и „Аја Софија“, зградата била претворена во музеј пред повеќе од 70 години.

Минатата година турскиот суд ја поништи одлуката на владата од 1945 година со која „Хора“ е претворена во музеј под надлежност на Министерството за образование. Денеска, во уредбата потпишана од Ердоган и објавена во „Службениот весник“ на Турција се вели дека управувањето со џамијата „Карија“ е пренесено на Управата за верски прашања и дека џамијата е отворена за верниците.

Црквата е изградена на ова место најпрвин во 4 век, но повеќето постојни градби потекнуваат од 11 век, а потоа делумно била реновирана 200 години подоцна по земјотресот. Во декретот на Ердоган не се прецизира кога ќе се одржат првите муслимански молитви во „Хора“, ниту што ќе се прави со христијанските уметнички дела.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Драма на аеродромот во Анталија, авион се запали – евакуирани 79 патници

Сибиха бара партнерите да и обезбедат на Украина системи за пресретнување на ракетите Орешник

Будистички манастир под истрага: 41 тело откриено во Тајланд