Утрински Весник
Македонија

Со новите мерки не се наметнува присилна вакцинација, велат од Министерството за здравство

Со новите мерки не се наметнува присилна вакцинација, велат од Министерството за здравство

Министерството за здравство реагира на соопштението од Конфедерацијата на синдикати во кое се тврди дека мерките кои ги предлага Комисијата за заразни болести се „присилна вакцинација“.

„Вработените кои ги опфаќаат новите мерки имаат избор да приложуваат и негативен тест еднаш неделно доколку одлучат да не се вакцинираат, а сите оние кои имаат здравствени проблеми заради кои не може да се вакцинираат тоа не се присилени да го направат“, се наведува во реакцијата од ресорното министерство.

Од таму нагласуваат дека мерките кои се предлагаат се веќе воведени во многу земји во Европа и регионот како Словенија, Хрватска и Грција каде, како што се вели, одамна се на сила.

„Во услови кога се заканува нов силен ковид-бран, должност на министерството и Комисијата е да предлагаат соодветни мерки кои со сигурност ќе дадат резултати како за намалување на ширењето на вирусот, така и за подигање на процентот на имунизирано население.

Протести или други форми на изразување на незадоволство против мерките се демократско право, но исто така спротивно на здравствените препораки кои доаѓаат од светските здравствени институции“, се порачува во соопштението.

Од министерството воедно апелираат на одговорност на сите граѓани и чинители во општеството со цел заеднички да се надминат сите предизвици со пандемијата.

„Бараме поддршка за мерките кои се во интерес на јавното здравје и заштита на здравствениот систем кој трпи огромен притисок пред сѐ од лица кои не се вакцинирани, а имаат потреба од болничко лекување“, велат здраствените власти.

 

Можете да прочитате

ОЈО бара снимки за националистичките скандирања во Куманово

Мицкоски утре на поставување камен темелник на спортска сала во Воената академија

Нови пожари низ Македонија, гори кај Ваксинце, Богомила, Милетино и Церово