Куманово, 27 јуни 2020 (МИА) – Во ООУ „Христијан Тодоровски Карпош“ село Драгоманце, општина Старо Нагоричане ќе се реконструира спортската сала, информираа денеска надлежните од училиштето. Средствата за реконструкцијата на постоечката импровизирана сала се обезбедени преку проект на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието (МИМО), во компонентата 3: Стимул на училиштата/реновирање.
-Како стимул за училиштата да учествуваат во проектни активности за подобрување на меѓуетничката кохезија и развивање на демократските и граѓанските вредности помеѓу младите, проектот предвидува реновирање на училиштата и подобрување на условите за учење. За проектот предвидени се 1.200 000 денари, а тимовите за реновирање на училиштата ќе учествуваат во планирањето, организирањето и реализацијата на реновирањето при што ќе треба да обезбедат поддршка во работна рака, финансиски средства или опрема која ќе биде нивен придонес во процесот на реновирање-изјави директорката на училиштето, Анета Станковиќ Јанковска.
Средствата ќе се употребат за реновирање на постоечкиот објект, кој досега учениците го користеа за часови по физичко и здравствено образование. Надлежните сметаат дека објектот ќе прерасне во современа, училишна спортска сала која ќе ги задоволи условите за непречено изведување на часовите по физичко и здравствено образование. Предвидено е и замена на дела од прозорците и вратите во училишната зграда.
– Секое дете заслужува и има право на подобри услови за образование. Преку овој проект ќе се надмине долгогодишниот проблем на обезбедување основни услови за спорт и рекреација на учениците, а паралелно со тоа ќе се мотивираат учениците да учествуваат во спортски клубови и да постигнуваат високи резултати во спортот за кој самите се определиле, а напоредно со тоа ќе создадеме поквалитетно образование и правилен раст и развој кај идните генерации-вели Станковиќ Јанковска.
Во ова училиште во село Драгоманце заедно со подрачните во Пелинце, Челопек, Арбанашко во учебната 2019/2020 година имало 70 ученици од I до IX одделение и според одговорните, овој број на ученици се задржувал во континуитет низ годините наназад. Наставата се изведува на македонски јазик, а во рамки на централното училиште има и ученички дом во кој престојуваат десет ученика од најоддалечените планински места. Во училиштето настава следат ученици од рурална средина од разбиен тип,за секој ученик има обезбедено бесплатен превоз од дома до училиштето и обратно. Одделенската настава се изведува во комбинирани паралелки по најсовремени методи со примена на ИКТ вештини и други дидактички средства.ам/са/