Крива Паланка, 9 мај 2020 (МИА) – Во услови на вонредна состојба во државата, без јавни настани за одбележување на локално ниво на денешниот ден, 9 Мај – Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа, Општина Крива Паланка упати видео порака со честитки за денот.
– Речиси цела една деценија откако ја креиравме ЕУ инфо точката во Општина Крива Паланка, преку повеќе креативни форми, мега настани и хепенинзи ги промовиравме европските вредности со актуализација на идентитетот на сите народи на европскиот контитент. Изминатата година, 2019-та, ја одбележаа повеќе настани и проекти кои ги реализиравме и реализираме во партнерство и соработка, со финансиска поддршка од програмите и фондовите на ЕУ на кои како општина сме горди. Но, посебно сме горди што од оваа година како ЕУ-инфо точка растеме во „Мала Европска куќа“, која ќе продолжи да ги промовира европските вредности и Европа до нашите граѓани. За ова особено упатувам благодарност до Делегацијата на ЕУ и евроамбасадорот Самуел Жбогар, рече Лидија Митовска, координатор на ЕУ инфо точката во Општина Крива Паланка.
Посочи дека следејќи го европскиот идентитет како општина покажуваат колку за нив се важни европските вредности и визии.
– Некогаш оценуван како далечен и недостижен сон, денес може да кажеме дека нашата евроспка иднина е реалност. Честитајќи го од мое и од име на локалната самоуправа роденденот на Европа, во услови на пандемија, верувам дека Европа ќе излезе посилна од оваа глобална криза, а ние како граѓани на Република Северна Македонија, посакувам што поскоро овој ден да го чествуваме како полноправна членка на ЕУ, додаде Митовска. ид/мс/