Утрински Весник
Македонија

Соработката со Белград, ЕУ-интеграциите и дијалогот со Косово во фокус на средбата на Османи со Селаковиќ

Соработката со Белград, ЕУ-интеграциите и дијалогот со Косово во фокус на средбата на Османи со Селаковиќ

Mинистерот за надворешни работи, Бујар Османи, во рамките на посетата во Србија оствари средба со својот колега, министерот за надворешни работи, Никола Селаковиќ.

Министрите изразија задоволството за одржувањето на оваа прва посета на Белград, со што е потврдена решителноста за интензивирање на политичкиот дијалог меѓу двете држави. Обострано е констатиран нагорен тренд во севкупните односи, како и заемна готовност тие да бидат збогатени со нови содржини, со цел подобрување на комуникацијата и соработката меѓу двете земји.

„Една од главните точки на мојата посета е заедно со мојот колега да го вратиме интензитетот на политичкиот дијалог меѓу двете земји на нивото пред пандемијата на Ковид-19. Го пренесов нашиот интерес, но и очекување, за брза реализација на третата заедничка седница на двете влади како најдобар начин да се конкретизираат замислите и да се реализираат иницијативите што ќе бидат во интерес на двете држави и граѓаните на двете земји“, истакна Османи посочувајќи на заеднички проекти во економијата, енергетиката и инфраструктурното поврзување итн., чија реализација е во насока на директен интерес на граѓаните.

На средбата се разговараше и за очекувањата во однос на европските интеграции на двете земји, особено за време на португалското претседавање со Советот на Европската Унија.

„Европската перспектива е наша заедничка определба. Република Србија веќе долго време како преговарач со ЕУ, а Република Северна Македонија уште подолго како земја кандидат. Не смееме да дозволиме да биде срушен кредибилитетот на процесот на проширување, кој поради честите застои, постојаните одложувања и очигледната непредвидливост е под сериозна закана. Европската перспектива претставува најсилната политичка сила за трансформација на нашите општества и ако сакаме безбеден, стабилен и европски Балкан, мора да го зачуваме и кредибилитетот на европските перспективи“, посочи Османи.

Во однос на актуелните регионални предизвици, министерот Османи го пренесе принципиелниот став за поддршка на дијалогот меѓу Белград и Приштина посочувајќи дека како блиски соседи имаме директен интерес и гледаме со наклонетост на успехот на овој процес.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Скопје никако да се спаси од загадувањето, повторно во топ 10 најзагадени градови во светот!

Д-р Јовановски на подкаст ЗРАК: Има различни методи на реконструкција по мастектомија

Кузмановска: Хема – Онко нуди поддршка за лицата заболени од канцер