Кочани, 27 март 2019 (МИА) – Неформалното здружение на сопствениците на мали трговски дуќани и на микропретпријатија од услужната дејност во Кочани бара директна финансиска поддршка од државниот буџет за да не ја згаснат дејноста поради вонредната состојба со коронавирусот.
Во дописот до Министерството за финансии дуќанџиите бараат бруто платите за месеците март, април и мај да бидат на товар на државата, а Владата привремено да ги замрзне ратите од кредитите и плаќањето на сметките за електрична енергија, вода и другите комунални трошоци.
-Со донесувањето на одлуката за вонредна состојба и со ограничувањето на движењето на граѓаните ние, сопствениците на мали трговски дуќани и бутици, немаме никакви приходи. Во овие тешки моменти за сите нас, без никаква политичка позадина, се обраќаме до Владата за помош, односно за мораториум во првото тримесечје од 2020 година на аконтацијата за ДДВ. Исто така, неопходно ни е субвенционирање со неповратни средства, во висина од три до десет илјади евра, во зависност од бројот на вработени во нашите претпријатија. Овие и сите останати мерки ги бараме сè до престанокот на вонредната состојба со коронавирусот, истакнуваат во сопствениците на трговските дуќани од Кочани.
Трговците бараат од закуподавачите и сопствениците на деловните објекти, во кои се сместени нивните дуќани, да ја замрзнат наемнината сè до повторното почнување со работа или до преземањето владини мерки со кои и тие би биле обештетени.
Сопствениците на дуќаните во Кочани истакнуваат дека ако не се преземат соодветни мерки за заедничко надминување на кризниот период, претстои целосен колапс на микропретпријатијата во трговската и услужната дејност во приватниот сектор. та/ев/